Трамп кажа дека зголемувањето на царините кое ќе стапи на сила во среда е одговор на зголемувањето на царините кое покраинската влада на Онтарио ги воведе на електричната енергија која се продава во САД.
„Му наложив на својот министер за трговија да додаде дополнителни 25 отсто царини, на 50 отсто, на целиот челик и алуминиум кои стигнуваат во Соединетите Држави од Канада, една од нациите со највисоки царини каде било во светот„, објави Трамп на својата социјална мрежа Трут соушал.
„Единственото нешто кое би имало смисла е Канада да стане наша драга 51 сојузна држава. Со тоа царините, и сè останато, целосно би исчезнало. Даноците на Канаѓаните би им биле значително намалени, би биле побезбедни, воено и воопшто, повеќе од кога било претходно, повеќе не би постоел проблемот на северната граница, а најголемата и најмоќна нација во светот ќе биде поголема, подобра и посилна од кога било“, напиша Трамп.
„Вештачката линија на раздвојување повлечена пред многу години конечна ќе исчезне, а ние ќе ја имаме најбезбедната и најубава нација каде било во светот – и вашата брилијантна химна „О Канада“ ќе продолжи да свири, но ќе претставува голема и моќна сојузна држава во најдобрата нација која светот некогаш ја видел!“, порача Трамп.
Американскиот претседател минатата недела прво воведе царини од 25 отсто на увозот од Канада и Мексико, но потоа сепак ги паузираше до 2 април. Трамп тврди дека царините се одговор на неприфатливиот влез на нелегални дроги и недокументирани мигранти во САД од двете соседни земји.