среда, 16 октомври 2024

Трамп: За мене најубавиот збор на светот е царина

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп ги бранеше своите протекционистички трговски политики и другите фискални предлози, отфрлајќи ги оценките дека тие би можеле да го зголемат федералниот долг, да ги антагонизираат сојузниците и да ѝ наштетат на американската економија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ние сме целосно посветени на растот. Ќе ги вратиме компаниите во нашата земја“, рече поранешниот претседател во повремено напнатото интервју во Економскиот клуб во Чикаго.

Главниот уредник на Блумберг њуз, Џон Миклетвејт, кој го водеше разговорот, ги наведе проекциите на аналитичарите дека плановите на Трамп ќе додадат 7,5 трилиони долари на федералниот долг до 2035 година, што е двојно повеќе од политиките што ги застапуваше демократската ривалка на Трамп на изборите во ноември, потпретседателката Камала Харис.

Трамп инсистираше на тоа дека неговите трговски политики, кои вклучуваат високи царини не само за увоз од ривали како Кина, туку и од сојузници како Европската унија, ќе го ревитализираат американското производство и ќе донесат доволно приходи за да ја олеснат загриженоста за зголемениот дефицит.

„За мене најубавиот збор на светот е царина“, рече Трамп.

Некои трговски експерти тврдат дека царините може да ѝ наштетат на американската економија, да ги загрозат работните места и да ги зголемат цените.

„Сè што треба да направите е да изградите свои фабрики во САД и нема да имате царини“, рече Трамп. „Се согласувам дека ќе има огромно влијание, но позитивно, а не негативно.

Трамп повтори дека ќе наплатува високи царини за увезените возила склопени во Мексико, дури 200 отсто. Тој, исто така, рече дека ќе воведе царини за автомобили увезени од земји како Германија за да ги принуди странските компании да произведуваат во САД.

Кога Миклетвејт му кажа на Трамп дека тие политики може да им сметаат на сојузниците кои им се потребни на САД во натпреварот против Кина, Трамп одговори: „Нашите сојузници нè искористија повеќе од нашите непријатели“.

Како претседател од 2017 до 2021 година, Трамп воведе царини за увезени машини за перење, соларни панели, челик, алуминиум и стоки од Кина и Европа.

Интервјуто опфати широк спектар на теми надвор од економијата, при што Трамп обично избегнуваше директно да одговори на некои прашања, менувајќи ја темата и критикувајќи го Миклетвејт.

На прашањето дали разговарал со рускиот претседател Владимир Путин откако ја напуштил Белата куќа, Трамп рече: „Не коментирам за тоа, но ќе ви кажам дека ако сум, тоа е паметна работа. Ако имам врски со луѓе, тоа е добра работа, а не лоша“.

Тој директно не одговори на прашањето дали САД ќе го бранат Тајван доколку Кина го нападне.

Трамп повторно ги бранеше своите постапки по изборите во 2020 година и одби да каже дали ќе ги прифати резултатите од изборите во 2024 година и ќе се согласи на мирен трансфер на власта доколку загуби.

Тој тврди дека по изборите во 2020 година, трансферот на власта бил мирен, а за настаните од 6 јануари 2021 година, кога неговите поддржувачи упаднале во Конгресот на САД за да го спречат потврдувањето на изборите, тој рече дека тоа „било љубов и мир“. „Некои отидоа во Капитол и таму се случија многу чудни работи“, рече Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ