„Гренланд е наш. Не сме на продажба и никогаш нема да бидеме на продажба. Не смееме да ја загубиме нашата долга борба за слобода“, рече премиерот на островот, Муте Егеде, во пишан коментар.
Трамп вчера објави дека го избрал Кен Хавери, поранешен пратеник во Шведска, за свој амбасадор во Копенхаген и го коментираше статусот на Гренланд, полуавтономен дел на Данска и дом на голема база на воздухопловните сили на САД. „За целите на националната безбедност и слободата низ целиот свет, Соединетите Американски Држави сметаат дека сопственоста и контролата на Гренланд се апсолутна неопходност“, напиша Трамп на платформата Трут сошл.
Трамп, кој ја презема функцијата на 20 јануари, не даде детали за неговата изјава. Данската влада не беше веднаш достапна за коментар.
Гренланд, со својата воздухопловна база Питуфик, е стратегиски важен за американската војска и систем за рано предупредување за балистички ракети, имајќи предвид дека низ островот минува најкратката рута од Европа до Северна Америка.
Данската влада мора јасно да стави до знаење дека не може да има дискусија или преговори за контрола над Гренланд, изјави на социјалната мрежа Икс пратеникот во данскиот парламент Расмус Јарлов од опозициската Конзервативна партија.
„Во случај американските активности да тргнат во насока на преземање контрола врз данска територија, тоа мора да се спречи и да наиде на отпор. Во тој случај, тие не смее ни да бидат таму“, рече Јарлов, шеф на парламентарната комисија за одбрана.
Островот, чиј главен град Нук е поблиску до Њујорк од данскиот главен град Копенхаген, содржи богати наоѓалишта на минерали, нафта и гас. Сепак, тој се развива бавно, а економијата на островот зависи од риболовот и годишните субвенции од Данска.
Трамп и претходно се обиде да го купи Гренланд
За време на неговиот претходен мандат, Трамп изрази интерес за купување на Гренланд во 2019 година, но тој предлог беше брзо отфрлен и од Данска и од властите на островот, пред да започнат официјалните разговори.
Данската премиерка Мете Фредериксен тогаш ја нарече понудата на Трамп „апсурдна“, по што тој го нарече нејзиното отфрлање на идејата „дрско“ и ја откажа посетата на Копенхаген. Фредериксен и натаму е данска премиерка.
Од 2009 година Гренланд има право да прогласи независност од Данска. Островот со околу 56.000 жители, кој годишно се потпира на значителни буџетски трансфери од Копенхаген, досега се воздржуваше од таков потег.
Трамп вчера се закани и дека повторно ќе воспостави американска контрола врз Панамскиот канал, обвинувајќи ја Панама дека наплатува преголеми тарифи за користење на централноамериканскиот премин, што предизвика остра осуда од панамскиот претседател Хозе Раул Мулин.