сабота, 27 јули 2024
Во интервју за Си-ен-ен

Трамп: Путин згреши што влезе во Украина, немаше да влезе да бев јас претседател (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп даде интервју за Си-ен-ен само еден ден откако федералната порота на Менхетн пресуди дека тој сексуално ја нападнал Е. Џин Керол во соблекувалната во луксузна стоковна куќа во 1996 година. Интервјуто се одржа во градското собрание во Њу Хемпшир пред гласачи.

Трамп во 2020 година одби да признае дека загубил на претседателските избори, постојано повторуваше дека изборите биле наместени. Новинарката на Си-ен-ен Кејтлан Колинс го притисна поранешниот претседател директно прашувајќи го дали јавно ќе признае дека ги загубил изборите во 2020 година.

Колинс укажа на изјавите на соработниците од кампањата на Трамп, кои признаа дека изборите биле спроведени фер. „Тоа не беа наместени избори. Тоа не беа украдени избори. Вие и вашите поддржувачи загубивте повеќе од 60 судски спорови за изборите. Поминаа речиси две и пол години. Можете ли јавно да признаете дека ги загубивте изборите во 2020 година?“, го праша таа.

Трамп избегна да даде директен одговор.

„Најдоа милиони гласови на камерите, на владините камери, каде што ги полнеа гласачките кутии. Со сето тоа, мислам дека е срамота тоа што се случи. Мислам дека тоа е многу тажна работа за нашата земја. Мислам дека е многу тажна работа, искрено, за светот, бидејќи ако погледнете што се случи со нашата земја, нашата земја отиде по ѓаволите“, рече Трамп, продолжувајќи да ја критикува администрацијата на Бајден.

Потоа ги коментираше своите постапки за време на немирите на 6 јануари 2021 година, кога неговите поддржувачи го нападнаа Капитол. Трамп, меѓу другите, ја обвини тогашната претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, велејќи дека таа е меѓу оние што се виновни за безбедносните пропусти.

„Еден од големите проблеми беше таа Ненси Пелоси, ‘лудата Ненси’ како што јас нагалено ја нарекувам. Лудата Ненси и градоначалникот на Вашингтон беа одговорни, како што знаете, за безбедноста. И тие не ја завршија својата работа“, порача тој.

Трамп тврдеше дека ја повикал Националната гарда да интервенира за време на немирите. Новинарката на Си-ен-ен потсети дека неговиот министер за одбрана тврдел поинаку.

„Но вашиот вршител на должноста министер за одбрана Крис Милер во тоа време рече дека никогаш не сте издале официјална наредба за распоредување на Националната гарда“, истакна таа. Сепак, Трамп инсистираше на своето тврдење.

Тој се осврна и на прашањето дали мисли дека му должи извинување на поранешниот потпретседател Мајк Пенс за настаните од 6 јануари. Пенс рече дека Трамп тој ден му го загрозил животот.

„Не, затоа што тој направи нешто лошо. Требаше да ги врати гласовите во државните законодавни тела и мислам дека ќе имавме поинаков исход“, одговори тој.

Запрашан од пензионираниот адвокат Вејн Беер дали би ги помилувал демонстрантите осудени за федерални злосторства во врска со немирите на 6 јануари, Трамп рече дека „најверојатно“ ќе ги помилува доколку биде реизбран во 2024 година. „Склон сум да им простам на многумина од нив“, додаде тој. Тој нагласи дека нема да може да ги помилува „сите“, но рече дека „ќе помилува голем број од нив“.

Трамп рече дека не мисли дека неодамнешната пресуда со која е прогласен за виновен за сексуален напад врз Е. Џин Керол во соблекувалната на луксузна стоковна куќа го дисквалификувала за претседателската функција или дека ќе има влијание врз женските гласачи. Тој повтори дека не се познава со колумнистката и ги отфрли обвинувањата.

Тој е убеден дека нема многу гласачи што ќе помислат дека пресудата го дисквалификува за извршување на претседателската должност. Тој тврдеше дека случајот е монтиран и дека сѐ е политички мотивирано. Повтори дека не ја познава Керол, но рече дека се фотографирал со неа и нејзиниот сопруг „пред повеќе години“.

„Оваа жена, јас не ја познавам. Никогаш не сум ја запознал. Немам поим која е“, рече Трамп.

Тој најави дека неговото решение за проблемот со инфлацијата во САД ќе биде да се ископа повеќе нафта. „Ако повторно бидете избран за претседател, што е првото нешто што ќе го направите за да помогнете во намалувањето на трошоците за работите да бидат попристапни?“, го праша републиканската активистка Даниел Ригер.

„Дупчење, душо, дупчење“, одговори Трамп. Тој тврди дека за време на неговиот мандат земјата била енергетски независна и дека цената на гасот паднала на рекордно ниско ниво. Тој потоа рече дека даночниот закон донесен за време на неговиот мандат помогнал да се создаде „најсилната економија во историјата“.

Тој потврди дека ќе го заштити вториот амандман и ќе ги реши проблемите со менталното здравје доколку биде реизбран во 2024 година. „Не е пиштолот тој што го повлекува чкрапецот, човекот го повлекува чкрапецот“, рече одговарајќи му на гласачот Боби Петрино, кој во минатото гласал за Трамп.

Тој најави дека ќе „направи голем број работи“ за справување со масовните пукања, меѓу другото и ангажирање на повеќе чувари во училиштата и, како што рече, „зацврстување“ на влезовите во институциите.

„Мора да ги направите училиштата безбедни“, рече Трамп и додаде дека многу луѓе што не поседуваат пиштоли „нема да бидат многу безбедни“.

Кејтлин Боасоно, републиканска избирачка, која првпат ќе гласа во 2024 година, го праша поранешниот претседател дали ја поддржува американската воена помош за Украина и како би се справил со заканата од рускиот претседател Владимир Путин. Трамп повтори дека војната немало да се случи доколку тој бил претседател.

„Ако бидам претседател, таа војна ќе ја решам за еден ден, за 24 часа“, рече тој. Неговиот план е да одржи средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со Путин. „Обајцата имаат слабости и силни страни и во рок од 24 часа таа војна ќе се реши. Ќе биде готово, ќе биде апсолутно завршено“, нагласи тој.

Тој не сакаше да одговори дали смета дека рускиот претседател Владимир Путин е воен злосторник во контекст на руската војна во Украина. Тој рече дека тоа е нешто за што „треба да се разговара подоцна“. Сепак, тој призна дека мисли дека „Путин направи грешка“.

„Ако кажете дека е воен злосторник, ќе биде многу потешко да се склучи договор за да се запре оваа работа. Ако е воен злосторник, луѓето ќе го грабнат и ќе го погубат, а тој ќе се бори многу пожестоко отколку што се бори под други околности. Тоа е нешто за што ќе разговараме подоцна“, најави тој.

„Неговата грешка беше што влезе (во Украина). Тој никогаш немаше да влезе ако јас бев претседател“, продолжи Трамп.

Не даде јасен одговор на прашањето дали сака во војната да победи Русија или Украина. „Не размислувам во смисла на победа и пораз. Мислам дека ќе го средиме тоа за да престанеме да ги убиваме сите тие луѓе“, рече тој.

Кога Колинс вторпат го праша дали сака да победи Украина или не, Трамп повторно не одговори директно, туку рече дека сака „сите да престанат да умираат“.

„Руси и Украинци, сакам да престанат да умираат. И ќе го сторам тоа за 24 часа… Ќе го кажам ова – сакам Европа да инвестира повеќе пари“, посочи тој.

На прашањето зошто понел со себе доверливи документи по напуштањето на Белата куќа, поранешниот претседател Доналд Трамп рече дека „имал сите права според Законот за претседателски досиеја“.

„Бев таму и го зедов тоа што го зедов и тоа ќе биде декласифицирано. Имав целосно право да го направам тоа, не го криев. Знаете, кутиите беа поставени пред Белата куќа, луѓето тоа го фотографираа“, одговори тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ