„Им се враќаме на пластичните сламки“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа додека ја потпишуваше наредбата.
Претходникот на Трамп, демократот Џо Бајден, предложи еколошки мерки за намалување на потрошувачката на пластика за еднократна употреба, поставувајќи цел до 2035 година пластичните прибори, вклучително и сламките, да престанат да се користат во владините служби и федералните агенции.
Но Трамп сега ги забранува хартиените сламки, тврдејќи дека тие „не функционираат“ и се несигурни и повикува на враќање на пластичните алтернативи.
„Ги користев многу пати и понекогаш се кршат. Дури и експлодираат. Ако нешто е жешко, не траат долго – понекогаш само неколку минути, дури и секунди. Тоа е смешна ситуација, затоа им се враќаме на пластичните сламки“, додаде тој.
Трамп ги омаловажи грижите за животната средина, велејќи: „Мислам дека пластиката нема премногу да ја погоди ајкулата додека минува низ океанот џвакајќи сè пред себе“.
Трамповиот отпор против хартиените сламки датира од 2019 година, кога лансираше сопствен бренд на пластични сламки. „Мислам дека имаме поголеми проблеми од пластичните сламки“, рече тогаш Трамп. „Ја имате малата сламка, но што е со чиниите, обвивките и сè друго, што е многу поголемо и направено од истиот материјал?“
Наредбата ги поништува напорите на поранешниот претседател Џо Бајден целосно да ја елиминира пластиката за еднократна употреба, вклучително и пластичните сламки, во федералната администрација до 2035 година. Оваа мерка беше дел од извршната наредба на Бајден за поттикнување на индустријата за чиста енергија и одржливост преку федералните операции.
Според Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП), луѓето произведуваат 430 милиони тони пластика годишно, од кои само 9% успешно се рециклираат. За разлика од хартијата, на пластиката ѝ требаат векови за да се распадне.
„Загадувањето со пластика може да ги промени живеалиштата и природните процеси, намалувајќи ја способноста на екосистемите да се приспособат на климатските промени, директно влијаејќи на човечкото живеење, производството на храна и социјалната благосостојба“, наведува УНЕП на својата веб-страница.
Кристи Левит, директорка на кампањи против пластиката во еколошката организација Океана, изјави дека Трамп оди „во погрешна насока кога станува збор за пластика за еднократна употреба“. „Светот се соочува со криза со пластично загадување и повеќе не можеме да игнорираме една од најголемите закани за нашите океани и планетата“, рече таа.