Американскиот претседател Доналд Трамп издаде рекорден број извршни наредби во првите девет дена на функцијата, што означува историско темпо во модерната претседателска историја, вели Аксиос.
Анализата на медиумот покажува дека откако положил заклетва како 47-ми претседател на САД на 20 јануари, Трамп потпишал 38 наредби – повеќе од кој било од неговите претходници во оваа рана фаза од претседателствувањето.
Според извештајот, обемот и брзината на извршните уредби на Трамп им се конкуренција само на оние на 46-от американски претседател Џо Бајден и 33-от американски претседател Хари Труман – обајцата издале 40 извршни наредби во првите 100 дена на функцијата.
Со повеќе од два месеци преостанати во критичниот период од 100 дена, Трамп би можел далеку да ги надмине своите претходници во оваа фаза од претседателствувањето. Неговите први наредби опфатија широк спектар на политики, меѓу кои и имиграцијата, трговијата, производството на енергија и реструктурирањето на федералните агенции.
Трамп ја преобликува федералната влада со „кампања на шок и стравопочит од еднострани дејства што ги поместуваат границите на претседателската моќ“, напиша Аксиос.
Сепак, „радикалното проширување“ на извршната власт може да доведе до бран од правни предизвици, забележува весникот.
За време на својата кампања, Трамп вети дека ќе донесе брзи и големи промени во американската влада доколку биде реизбран. Во првите денови од враќањето на функцијата, тој го исполни тоа ветување, потпишувајќи многубројни извршни наредби насочени кон промена на политиките спроведени во администрацијата на Бајден.
Со една од наредбите се бараше да им се одбие американското државјанство на децата родени во земјата доколку ниту еден од родителите не е американски државјанин или законски постојан жител. Федералниот судија подоцна ја суспендираше наредбата, нарекувајќи ја „еклатантно неуставна“.
Покрај тоа, новата администрација оваа недела објави дека привремено ќе ги запре федералните исплаќања за да се усогласат со директивите на Трамп – потег што предизвика широки реакции. Демократите и застапниците за човекови права тврдат дека таквите акции претставуваат значително пречекорување на извршната власт. Правните експерти, исто така, истакнаа дека претседателот нема овластување еднострано да го прекине финансирањето на програмите што биле одобрени од Конгресот.
„Ако претседателот Трамп сака да ги промени законите на нашата нација, тој има право да побара од Конгресот да ги промени“, рече американскиот независен сенатор Берни Сандерс од Вермонт, цитиран од Асошиетед прес.
Сандерс понатаму истакна дека Трамп нема право да го прекршува американскиот Устав, изјавувајќи: „Тој не е крал“.