петок, 8 ноември 2024
Моќната Сузи Вајлс

Трамп назначи шефица на својот кабинет, прва жена на таа функција

Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ја назначи менаџерката на својата кампања Сузи Вајлс за иден шеф на кабинетот во Белата куќа, со што таа стана првата жена на таа влијателна функција.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Вајлс ќе биде првата жена на функцијата шеф на кабинетот на Белата куќа. „Сузи Вајлс ми помогна да постигнам една од најголемите политички победи во американската историја и беше составен дел од моите успешни кампањи во 2016 и 2020 година“, се вели во соопштението на Трамп.

Американските медиуми пишуваат дека Сузи Вајлс е најзаслужна за водењето на кампањата на Трамп, која ја оценуваат како најдисциплинирана и најефикасна досега, и дека има репутација на контролирање на неговите најлоши импулси.

Таа во голема мера го избегнуваше фокусот на вниманието, дури и одби да го земе микрофонот за да зборува додека Трамп ја прославуваше својата победа во средата рано наутро.

Некогаш работела во администрацијата на претседателот Роналд Реган, а Трамп ѝ го даде прекарот „Ледената дама“.

Трамп рече дека Вајлс била составен дел од неговите кампањи, опишувајќи ја како цврста, паметна, иновативна жена, на која сите ѝ се восхитуваат и ја почитуваат.

Шефот на кабинетот обично има големо влијание – управува со персоналот во Белата куќа, ги организира времето и агендата на претседателот и одржува контакт со другите владини институции и пратениците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ