Астронаутите на НАСА, Бери Вилмор и Сунита Вилијамс пристигнаа на Меѓународната вселенска станица (ИСС) на 6 јуни минатата година. Мисијата требаше да трае една недела, но речиси осум месеци подоцна, Вилмор и Вилијамс сè уште се во вселената поради проблеми со капсулата Старлајнер на Боинг.
По лансирањето од вселенскиот центар Кејп Канаверал во Флорида, леталото успеа да се спои со ИСС од втор обид поради проблеми со моторот. Покрај тоа, леталото претрпе истекување на хелиум. Старлајнер се врати на Земјата без екипаж на почетокот на септември, слетувајќи во пустината во Ново Мексико.
НАСА првично објави дека двајцата астронаути треба да се вратат на Земјата во февруари оваа година, но неодамна сепак дојде до одложување во спроведувањето на тој план.
Трамп се огласи на својата социјална мрежа Трут соушл. „Што туку ги замолив Илон Маск и Спејсекс да одат по двајцата храбри астронаути кои администрацијата на Бајден практично ги напушти во вселената. Чекаат со месеци. Илон ќе замине наскоро. Се надеваме дека сè ќе биде безбедно. Среќно, Илон!!!“ напиша тој.
— Elon Musk (@elonmusk) January 29, 2025
Маск ја сподели објавата на Трамп на Икс и одговори со емоџи кое прикажува салутирање.