Трамп претходно се закани дека ќе наметне увозни такси ако трите земји не се позанимаваат со неговата загриженост околу нелегалните миграции и трговијата со дрога. Даде до знаење дека е спремен да ги ескалира царините ако тие земји возвратат. И Канада и Мексико потврдија дека подготвуваат воведување контрамерки.
Заедно, Кина, Мексико и Канада сочинувале повеќе од 40 отсто од увозот во САД минатата година. „Денешната објава на царините е неопходна за Кина, Мексико и Канада да се повикаат на одговорност за нивните ветувања дека ќе го сопрат влезот на дрогите во САД“, наведе Белата куќа во соопштение.
Трамп се огласи на својата социјална мрежа Трут соушал. „Ова е направено преку законот за меѓународни вонредни економски овластувања поради големата закана од нелегални мигранти и смртоносни дроги кои ги убиваат нашите граѓани, вклучувајќи го фентанилот“, порача тој.
Канада, Мексико и САД имаат длабоко интегрирани економии, со проценета вредност на робата која дневно ги минува границите од 2 милијарди евра. Економистите велат дека царините и последователните контрамерки би можеле да ги кренат цените на широк спектар на производи, од автомобилите, дрвената граѓа и челикот до храната и алкохолот.
Автомобилскиот сектор би можел да биде тешко погоден. Автомобилските делови повеќе пати ги преминуваат трите граници пред да се состави конечното возило. ТД економикс сугерира дека просечната цена на автомобилите во САД би можела да порасне за околу 3.000 долари.
Во јануарскиот извештај на Петерсон институтот за меѓународна економија се сугерира дека царините од 25 отсто за Канада и Мексико ќе го успорат растот и ќе ја забрзаат инфлацијата во сите три земји. Во петокот Трамп призна дека би можело да дојде до „некои привремени, краткорочни нарушувања“ поради царините.