Тужбата, поднесена во петокот, бара повторно активирање на тие условни хуманитарни програми, кои овозможија 875.000 луѓе од Украина, Авганистан, Куба, Хаити, Никарагва и Венецуела да влезат во САД, со спонзорство од легални жители на таа земја.
Трамп не само што ги укинува легалните патишта за мигрантите кои сакаат да влезат во САД, туку и ги спроведува предизборните ветувања за депортација на милиони луѓе за кои смета дека се наоѓаат во земјата нелегално.
Тужителите кои по стариот систем легално влегле во САД можат да останат додека не им истече условниот рок за престој, но администрацијата престанала да ги обработува нивните барања за азил, визите и другите дозволи кои би им овозможиле подолго останување.
Оваа дозвола за престој од 1952 година ја издавале и републиканските и демократските претседатели за луѓето кои не можеле да ги користат стандардните емиграциски процедури поради итни околности или затоа што нивните матични земји немаат дипломатски односи со САД.
Џо Бајден го користеше овој механизам повеќе од кој било друг американски претседател.