Американскиот претседател Доналд Трамп во средата ѝ постави директен ултиматум на Русија, барајќи од неа да ја заврши војната во Украина и да склучи „договор“ или ќе се соочи со нови санкции и високи увозни царини.
Трамп го објави предупредувањето на својата онлајн-платформа Трут сошл, инсистирајќи дека „не сака да ѝ наштети на Русија“.
„Јас го сакам рускиот народ и отсекогаш имав многу добри односи со претседателот Путин“, напиша Трамп.
„Никогаш не смееме да заборавиме дека Русија ни помогна да победиме во Втората светска војна, загубувајќи речиси 60.000.000 животи во тој процес“, напиша тој, преувеличувајќи ги проценетите загуби на Советскиот Сојуз за повеќе од два пати.
„Кога се знае ова, јас ќе ѝ направам на Русија, чија економија пропаѓа, и на претседателот Путин, многу голема УСЛУГА. Договорете се сега и ЗАПРЕТЕ ја оваа бесмислена војна! ТАА САМО ЌЕ СЕ ВЛОШУВА“, порача Трамп.
Доколку доволно „брзо“ не се оствари никаков „договор“ за ова прашање, Трамп „нема да има друг избор освен да постави високи даноци, тарифи и санкции за сè што Русија им продава на Соединетите Држави и на разни други земји-учеснички“. Американскиот претседател, исто така, ја повтори својата омилена поента, дека руско-украинскиот конфликт „никогаш немаше да почне“ доколку тој беше на функцијата наместо неговиот претходник Џо Бајден.
„Можеме да го направиме тоа на полесниот или на потешкиот начин – а полесниот начин секогаш е подобар“, ја предупреди Трамп Москва.
Претходно во текот на денот, Трамп ја повтори својата подготвеност да се вклучи во разговори со рускиот претседател Владимир Путин, инсистирајќи дека претходно имал „многу силно разбирање со“ рускиот лидер. Запрашан кога точно би можел да се случи разговорот, Трамп рече „кога и да сакаат – ќе се сретнам“.
„Разговараме со (украинскиот претседател Володимир) Зеленски. Наскоро ќе разговараме со претседателот Путин и ќе видиме како сето тоа ќе се случи“, рече Трамп.
Во понеделникот, Путин ја пофали искажаната намера на Трамп да го обнови контактот меѓу Русија и САД, но рече дека потенцијалниот дијалог може да се случи само на „рамноправна и заемно почитувачка основа“.