петок, 20 септември 2024

Трамп: Американските Евреи ќе бидат делумно виновни ако загубам на изборите

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека еврејските американски гласачи ќе бидат делумно виновни доколку тој загуби на изборите на 5 ноември и ако победи актуелната потпретседателка и кандидатка на демократите Камала Харис.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во говорот на Националниот самит на израелско-американскиот совет во Вашингтон, поранешниот американски претседател се пожали дека заостанува зад Харис меѓу американските Евреи.

„Израел веројатно ќе престане да постои во рок од две години доколку Харис победи на изборите, а Евреите ќе бидат делумно виновни за тој исход, бидејќи тие имаат тенденција да гласаат за демократи“, тврди Трамп.

„Ако јас не победам на овие избори, и ако тоа навистина се случи, еврејскиот народ ќе има многу врска со тоа бидејќи 40 отсто, мислам, 60 отсто од нив гласаат за непријателот. Израел, според мое мислење, ќе престане да постои во рок од две години“, ѝ рече Трамп на толпата.

Трамп се осврна на анкетата која покажа дека Харис освоила 60 отсто од гласовите меѓу американските Евреи. Во исто време, тој изрази жал бидејќи на изборите во 2016 година, на кои победи, и на изборите во 2020 година, на кои победи демократскиот претседател Џо Бајден, доби помалку од 30 отсто од гласовите на американските Евреи.

Не е јасно на која анкета се повикува поранешниот претседател, но неодамнешната анкета на Пју рисрч покажа дека американските Евреи ја поддржуваат Камала Харис пред Трамп – 65 наспроти 34 проценти.

Трамп даде слична изјава на посебен самит одржан претходно истата вечер во Вашингтон, посветен на борбата против антисемитизмот во Америка.

Тој како приоритет во својата кампања го постави придобивањето на еврејските гласачи во клучните држави за победа.

Американските Евреи со децении ги фаворизираат демократите на федералните избори, а тоа до денес не се променило, но само мала промена во нивното гласање може да го одреди победникот во ноември.

Во клучната сојузна држава која го одредува победникот на изборите – Пенсилванија, живеат на пример повеќе од 400.000 Евреи. Таму, во 2020 година, Бајден победи со предност од 81.000 гласови.

Пред говорот на Трамп, портпаролот на кампањата на Камала Харис Морган Финкелштајн го критикуваше поранешниот претседател дека повремено се поврзува со антисемитисти. Трамп ги отфрли сите обвинувања за антисемитизам, истакнувајќи во говорот во четвртокот дека неговиот зет е Евреин.

Но, во истиот говор, тој не одговори на извештајот на Си-ен-ен објавен претходно истиот ден во врска со изјавата на републиканскиот кандидат за гувернер на Северна Каролина, Марк Робинсон, кој, наводно, себеси се нарекувал „црн НАЦИСТ!“ во коментари објавени на порнографска веб-страница и се залагал за враќање на ропството.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ