недела, 29 декември 2024

Трајкова: Етикетата дека ВМРО-ДПМНЕ се албанофоби, треба да биде напуштена

ВМРО-ДПМНЕ нема апсолутно ништо против на поставување на луѓе на функции кои имаат соодветно образование, професионалци во својата област, кои си ја знаат работата за која се платени од граѓаните, а притоа ги почитуваат Уставот и законите на оваа земја без разлика на кој етникум припаѓаат. И еднаш засекогаш оваа бесмислена етикета дека ВМРО-ДПМНЕ се албанофоби, треба да биде напуштена, затоа што  во моментот, ВМРО-ДПМНЕ ја води нова генерација на политичари, со визија за подобро утре, каде Македонија сите ние заедно ќе ја направиме подобро место за живеење, вели за Коха, Викторија Трајкова, универзитетски професор и стратешки соработник за меѓународна политика на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Објавено на

часот

Сподели

„Дали можеби е албанофобија кога ВМРО-ДПМНЕ бараше одговорност за Беса транс, каде 45 луѓе ги загубија своите животи заради нечија неодговорност? Дали е албанофобија кога ВМРО-ДПМНЕ укажуваше на криминалот на струшкиот градоначалник Мерко, а САД го ставија на црната листа за криминал и корупција? Дали можеби ВМРО-ДПМНЕ се албанофоби кога укажуваат за субстандардните услови во кои се лекуваат и Македонци и Албанци и Турци и Срби и Роми? Дали случајот со онкологија е албанофобија каде умираа сите подеднакво“, прашува Трајкова.

Таа за случувањата во Републичкиот судски совет директно го обвинува претседателот Стево Пендаровски.

„Претседателот има лична одговорност за спуштањето на нивото на оваа институција. И двајцата негови кандидати, кои ги предложи за членови на Советот, се истите тие кои ги направија сите превирања и кавги на сметка на одличната можност која ја имаа за да го кренат нивото на една ваква институција која треба да биде стожер на почитување на правото и правната држава. Жалосно е што претседателот ниту во овој случај не реагираше, туку остана да биде само набљудувач на состојбите. Затоа граѓаните на Македонија имаат сè помалку доверба во институцијата претседател на државата особено лична доверба во него. Ако сите ние очекуваме дека еден претседател на државата треба да биде коректор на потезите на власта, најмалку што треба да гледаме дека не е санкциониран или макар повикан на одговорност некој што е негов личен избор“.

За интегритетот на македонските дипломати Трајкова потсетува на скандалот со македонскиот амбасадор во Токио против кого беше водена постапка и беше вратен во земјава заради обвинувања за физички напад и сексуално вознемирување.

„Тука се поставува прашањето какви кадри испраќаме да ја претставуваат земјата во странство? За да биде ситуацијата со овој случај уште полоша, човекот е поставен за специјален советник на министерот и нема никаква постапка за расчистување на овој случај. Овој човек се појавуваше во предизборните спотови на Пендаровски во 2019 година.

Понатаму, имаме ситуација каде што амбасадорот при ОН во Њујорк воопшто не се појавува на работа од првиот ден кога е таму пратен, исто и неговиот заменик. Замислете, тој човек претходно не доби агреман од нашиот најголем стратешки партнер САД, за потоа на сила и вон процедура да го испратиме на една од клучните позиции за секоја сериозна земја, Постојаната мисија при ОН во Њујорк. Сличен беше случајот и со Теута Арифи, на која исто така не ѝ беше одобрен агреман од САД. На овој начин ние ја деградираме националната дипломатија во однос на други држави. Ние стратешки места во светот со години ги оставивме празни, четири години Вашингтон, пет години Белград, шест години Пекинг, пет години Тел Авив, итн. Владата на ВМРО во тој дел имаше предвидливост, плански организирано, се знае кога завршува еден мандат и кога би требало да почне друг мандат“, изјави Викторија Трајкова за Коха.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ