сабота, 27 јули 2024
Масакр во Белград

Трагедијата е епилог на насилството во медиумите и во општеството (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Тринаесетгодишниот К.К. вчераутро уби осум ученици и работник од обезбедувањето во основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград и рани шест ученици и еден наставник.

Началникот на белградската полициска управа Веселин Милиќ изјави дека момчето, ученик во седмо одделение, злосторството го планирало еден месец и дека имало список со деца што планирал да ги убие.

„Тој направил план на влезовите и излезите во училиштето и одредил, како што наведе, приоритетни цели. Скицата изгледа како од видеоигра, што укажува дека тој детално планирал како да влезе и во кои одделенија“, рече Милиќ на прес-конференција во Владата на Србија.

Милиќ рече дека момчето не ѝ кажало на полицијата кој бил мотивот за неговото злосторство, туку дека свесно го избрал 3 мај за датум на извршување и училницата по историја, бидејќи се наоѓа во близина на влезот на училиштето во Врачар и затоа што првиот час го имало неговото одделение.

Началникот рече дека К.К. имал два пиштоли, сопственост на неговиот татко, како и четири молотови коктели, а веднаш по влегувањето во училиштето ги убил чуварот, дежурната ученичка и две ученички што случајно се нашле таму. Потоа го сменил шаржерот и отишол во кабинетот по историја, каде што пукал во наставничката и во други деца. Потоа излегол од училиштето и од дворот се јавил во дежурната служба на полицијата да им каже што направил. Полицијата соопшти дека момчето е уапсено и дека се истражува мотивот за нападот.

Наставничката по историја и шест ученици се хоспитализирани, некои со повреди опасни по живот.

Ученичката Евгенија (14), која го познава сторителот, рече дека се работи за „тивко и фино“ момче, кое имало добри оценки. „Не знаев многу за него, не беше отворен со сите, но не би очекувала ова да се случи“, изјави таа за Ројтерс.

„Слушнав звуци и мислев дека момчињата фрлаат петарди, но потоа го слушнав тоа уште поблиску и видов како чуварот паѓа на подот“, рекла девојката и додала дека потоа побегнала.

Министерот за образование Бранко Ружиќ изјави прстенот на обезбедување што е предвиден за училиштата постоел и вчераутро и дека функционирале и видеонадзорот и членот на обезбедувањето што го загуби животот, како и училишната полицајка, која била во патрола. Тој додаде дека итно бил повикан тим од психолози да им помогне на децата, вработените и родителите на кои, како што наведе, им претстои трауматичен период.

Министерот за полиција Братислав Гашиќ изјави дека е уапсен и таткото на момчето и дека за двата пиштоли имал дозвола.

„Таткото рече дека пиштолите биле заклучени во сеф со шифра, но момчето очигледно ја знаело“, рече Гашиќ на прес-конференција во зградата на Владата. Тој изјавил дека момчето вежбало пукање со пиштол и одело на стрелиште со својот татко. Министерот изјави и дека на местото на злосторството биле пронајдени три шаржери со по 15 куршуми.

Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека К.К. не е кривично одговорен. Според Законот за малолетни сторители на кривични дела и казненоправна заштита на малолетни лица, К.К е кривично неодговорен бидејќи не наполнил 14 години.

По наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, на таткото на момчето, В.К. (48), му е одредена мерка притвор до 48 часа поради сомнение дека сторил кривично дело тешки дела против општата безбедност. Претходно увид на лице место извршиле дежурните заменик-јавни обвинители на Одделот за општ криминал и Одделот за малолетници на Вишото јавно обвинителство Белград, кои наредиле во присуство на вработен во Центарот за социјална работа да се земе изјава од К.К. и да му се изврши лекарски преглед, по што Центарот ќе одлучи какви мерки од својата надлежност ќе преземе понатаму.

Исто така, како што соопштија од Вишото јавно обвинителство, наложено е да му се земе крв на К.К. за токсиколошка анализа, за да се утврди дали во моментот на извршување на злочинот бил под дејство на алкохол, наркотици или други психоактивни супстанци.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека вчерашниот ден бил еден од најтешките денови во современата историја на Србија.

„Србија е обединета во тага, толку е голема што не паметиме поголема. Но кога сме обединети во тага, мора да ги погледнеме причините, одговорноста на секој од нас, да бараме решенија“, рече Вучиќ.

Тој рече дека К.К. да биде сместен во посебен дел на Клиниката за невропсихијатрија и дека е уапсена и мајката на момчето.

Омбудсманот Зоран Пашалиќ изјави дека вчерашната трагедија е „крајното предупредување дека како општество ја поминавме критичната точка на зголемување на насилството“. Пашалиќ во писмената изјава рече дека „за само една или две генерации дојдовме до феномен што беше незамислив пред три или четири децении“.

„Го повикувам целото општество, од родителите преку просветните работници до претставниците на законодавната и извршната власт, но и децата, многу повеќе внимание да им посветиме на превенцијата, едукацијата, но и содржините што нашите деца секојдневно ги впиваат од социјалните мрежи и медиумите“, посочи Пашалиќ.

Просветниот синдикат на Србија соопшти дека трагедијата во основното училиште е епилог на многу нерешени проблеми на кои синдикатот укажувал и дека училиштето е небезбедна средина. Тие побараа од сите државни органи одговорно, долгорочно и системски да создаваат услови за нормален и безбеден живот на децата и вработените и секојдневна борба против сите форми на насилство, особено во образовниот систем.

Синдикатот соопшти дека со години се предупредува на зголемување на сите форми на насилство во училиштата.

„Во нарушен систем на вредности во општеството, каде што сите форми на насилство се секојдневно присутни во медиумите, на интернет, на телевизија и достапни за најмладите, каде што семејството како основна клетка на општеството постепено се уништува, сметаме дека ова е епилогот на многуте нерешени проблеми што ги посочуваввме како синдикат и дека училиштето е небезбедна средина“, се наведува во соопштението.

Министерот за образование Ружиќ, одговарајќи на новинарско прашање дали К.К. претходно пријавил врсничко насилство, изјави дека има трага за тоа, но дека во основното училиште немало насилство.

„Во однос на врсничкото насилство што било извршено врз сторителот на настанот, системот ни тогаш не потфрлил, има сознанија од клиниката во Тиршова, се работи за расекотина на усната што настанала во актерска школа, приватна, а на врз основа на тоа не може да се пријави констатацијата дека било потребно понатамошно постапување“, рече Ружиќ.

Седумнаесетгодишниот Лука, ученик во гимназијата лоцирана веднаш до „Владислав Рибникар“, вели дека се работи за трагедија што се подготвувала долго време.

„Ова е грешка што целото српско општество ја прави повеќе од една деценија… оваа популаризација на насилството преку јавноста и медиумите, преку уметноста, преку сè“, изјави тој за Ројтерс.

Директорот на Клиничкиот центар на Србија, Милика Ашанин, вчера попладне изјави дека состојбата е подобра кога станува збор за моменталната здравствена состојба на повредените, пренесе Н1.

„Од четворицата оперирани, кај тројца е завршена операцијата и тие се на одделението за интензивна нега. Двајца ученици се целосно будни, екстубирани, а наставничката полека се буди. Во овој момент тие се целосно стабилни“, изјави Ашанин.

„Што се однесува на четвртиот пациент, тој беше во многу лоша општа состојба кога беше примен, се работеше за комплексни повреди, прострелни рани на градниот кош, вратот и рбетот, се врши дополнителна дијагностика. Се надевам и таму на поволен исход“, изјави Ашанин.

Владата на Србија донесе одлука за тридневна жалост на територијата на Србија почнувајќи од петок 5 мај до недела 7 мај.

Масовно поседување оружје во Србија

Сара ел Сараг, адвокатка што живее во Белград и во септември треба да го испрати своето второ дете во училиште, го опиша мртвиот чувар како кроток и мирен.

„Тој беше одличен човек… човек што ги сакаше децата. Не знам што имало во главата на тоа дете што го уби“, рече таа.

Министерката за здравство Даница Грујичиќ, неврохирург, која беше сведок на влијанието на балканските војни, во солзи им рече на новинарите дека настаните во средата се „можеби најужасното искуство што сум го имала како лекар и како човек“.

Законите за оружје се многу строги во Србија, но и поседувањето оружје кај граѓаните е исто така широко распространето.

Според Анкетата за лесно оружје од 2018 година, Србија глобално е рангирана на третото место со 39,1 парчиња огнено оружје на 100 луѓе, а повеќе од 78.000 луѓе имаат дозволи за лов.

Процената на истражувањето вклучува многу оружја што се чуваат нелегално од војните и немирите во 1990-тите, и покрај тоа што властите издадоа неколку амнестии за сопствениците да ги предадат или да ги регистрираат незаконски поседуваните пиштоли.

Во најсмртоносното пукање во Србија од тогаш, 60-годишен маж уби 14 лица во 2013 година. Други масовни пукања се случија во 2007, 2015 и 2016 година. Сите напаѓачи беа полнолетни.

Вучиќ: Да се помести границата за кривична одговорност од 14 на 12 години

Вучиќ вчера ѝ предложи на српската влада воведување конкретни мерки за да се спречи „некоја нова национална трагедија“. Главниот предлог е старосната граница за кривично-правна одговорност да се помести од 14 на 12 години.

„Поради тоа што во денешно време зрелоста настапува порано, но и физичката сила, можно е и помлади деца да вршат кривични дела, мојот предлог е да се разгледа можноста за намалување на старосната граница за кривично-правна одговорност на малолетниците од 14 на 12 години, притоа почитувајќи ги меѓународните и европските стандарди“, им рече Вучиќ на новинарите во Претседателството.

Тој наведе дека денеска во Србија има 766.665 регистрирани парчиња оружје и ѝ предложи на Владата, освен кога се работи за ловечко оружје, да се воведе мораториум за издавање дозволи за чување и носење оружје во следните две години, како и да се ревидираат сите дозволи издадени досега.

Вучиќ предложи и да се провери дали се исполнети законските услови за легално чување оружје од лицата што имаат дозвола, како и дали е спречен пристапот до малолетници и други неовластени лица.

Тој побара и пропишување кривична правна одговорност за лицата што овозможуваат малолетници и други неовластени лица да поседуваат огнено оружје и кои ги обучуваат да ракуваат со ова оружје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ