Во одговор на новинарско прашање, Тошковски вели дека зголемувањето на видеонадзорот и присуството на полициски службеници нема да ги реши ваквите девијантни појави, но ќе придонесе за зголемување на безбедноста на граѓаните.
„Многу ми е жал што е случен таков настан и што е споделен со јавноста, бидејќи станува збор за малолетници. Искрено целокупната јавност е згрозена од ваков тип на настани. Министерството за внатрешни работи, во делот на негова надлежност, ќе постапи во иднина во насока на она што сметаме дека треба да биде темел на идната работа на полицијата, а тоа е максимално засилување на целокупниот видеонадзор и присуството на полициските службеници на терен. Но, тоа нема да ги реши овие девијантни појави и да ги искорени, но во секој случај ќе придонесе да ја зголеми безбедноста и да овозможи на граѓаните да се чувствуваат побезбедно. Ваков вид на девијантни појави имало и ќе ги има. Наша работа е да сториме сѐ што е во наша надлежност за да ги спречиме од аспект на преземање на конкретни дејствија“, рече Тошковски.
Тошковски нагласи дека според Кривичниот законик, малолетниците немаат кривично-правна одговорност, така што, рече поосодветна надлежност за овој вид на предмети имаат други институции.
„Мислам дека подетална надлежност за овој вид на предмети имаат други институции, отколку Министерството за внатрешни работи, затоа што станува збор за малолетници, деца коишто немаат кривично-правна одговорност согласно Кривичниот законик“, рече Тошковски.
Според соопштението на МВР, двајца првооделенци од училиштето „Димитар поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров, завчера, со тврд предмет се обиделе да силуваат свој соученик. Случајот во полиција го пријавил неговиот татко.