вторник, 17 декември 2024

Тошковски: Во партиски штабови на опозицијата биле повикувани полициајци да не учествуваат во акциите на МВР

Најмалку седум убиства се расветлени по последната полициска акција. Колку што сум запознаен, мислам дека само едно е сторено откога јас сум министер за внатрешни работи, а сите останати се сторени во претходниот период. Ние покажавме дека за неколку месеци можеме да сработиме акција со која ќе разрешиме седум убиства, а нашите претходници тоа не го сториле седум, осум и повеќе години, изјави денеска на конференција за медиумите Панче Тошковски, министерот за внатрешни работи на Македонија на која изнесе детали за истрагата за криминалната група „Беланоца-Барон“.

Објавено на

часот

Сподели

„Ќе покажеме дека криминалот и насилството се неисплатливи во Македонија, како финансискиот, така и уличниот и насилниот криминал. МВР покажува реални резултати, Јавното обвинителство се охрабрува да спроведе постапки, останува на судот дали ќе ја врати довербата на граѓаните во рамки на едни процесни постапки правични, праведни, законити се со цел да си ја нормализираме државата“, рече министерот за внатрешни работи.

Тој најави еднаков третман и против полициски службеници како и со криминалците за евентуана соработка.

„Ако ме прашате дали има полицајци кои се нечесни и очигледно дека повеќе соработуваат со криминалците отколку со нивните колеги, да. Ако ме прашате дали против нив треба да сме еднакви и јасни во борбата како и против видливите криминалци, ќе ви одговорам апсолутно да“, нагласи Тошковски.

Прашан за акцијата во Судски совет, Тошковски вели дека таму се во рана фаза од постапување на истражни органи.

Тој потенцира дека секој еден кој има вина во рамки на МВР, а е поврзан со непостапување согласно одредени стандардни оператвни процедури ќе одговара, без разлика дали е полицаец, раководител и сл.

Тошковски одговори дека имаат информации дека во партиски штабови на опозицијата биле повикувани полициајци за да не учествуваат во акциите што ги организираше МВР вчера и денеска.

„Да, постојат такви информации кои беа споделувани во текот на овој и вчерашниот ден. Постапуваме да ги расветлиме за да покажеме дека колку и да сметаат дека нема капацитет македонската полиција и колку и да е факт дека Македонија не фунционира како ‘швајцарски часовник’, а притоа е доведена на дереџе на ‘швајцарско сирење’, се уште има професионалци во полицијата кои си ја сакаат државата, без  разлика на етничката припадност, и се спремни да го дадат животот за Македонија. Се уште има такви полицајци. Нека не ги потеценуваат чесните и професионалните полицајци и да не мислат дека ова ќе биде заборавено, потенцира министерот.

Во однос на оние што ги координираат, како што рече, и бараат од нив да постапуваат незаконито, ако има соодветни докази во иднина и за нив ќе следат соодветни истраги.

„Заврши времето на како до сега. Заврши тоа време. Секој што сторил криминал ќе одговара, без разлика дали бил експремиер или друго, ќе одговара. Секој еден за кој ќе се најдат докази, ќе одговара. Се што ќе биде пронајдено, како пари, имот, куќи, возила, мотори, злато итн., ќе биде предмет на една кривична постапка која се надевам ќе овозможи соодветна конфискација од страна на судот“, порача Тошковски. Додаде дека само во рамки на една процесна правда, каде се почитуваат правата на граѓаните, само така, како што потенцира, можеме да си ја нормализираме државата.

Прашан дали во наредниот период може да се очекуваат други акции, Тошковски рече дека во иднина ќе следат случаи кои ќе покажат борба против особено висока корупција.

„Ја разбирам потребата на македонскиот народ за да види разлика од претходно. Ја разбирам потребата на македонскиот граѓанин дека му е преку глава од лажење, манипулирање и крадење на неговиот буџет. Буџетот на државата е буџет на македонскиот граѓанин. Но, во секоја една европска и нормална држава има правила на игра коишто мора да се почитуваат ако сакаме да кажеме дека сме европјани. Мора да се почитува пресумпција на невиност, мора да се почитуваат сите правила во една доказна постапка, во една предистражна постапка, во една истражна постапка. Не можеме на слепо и без докази да обвинуваме и да отвораме случаи. Но, за секој еден случај каде што има основано сомнение ќе се истражи, ќе се провери, ќе се обезбедат докази и ќе се постапи“, рече Тошковски.

Сузбиена е 18-члена организирана криминална група, која извршувала убиства, изнуди, а е поврзана и со палењето на автомобилите на вработени во затворската полиција, информираше министерот Тошковски во врска со предметот „Беланоца-Барон“.

Тошковски посочи дека во текот на вчерашниот ден, во вечерните часови спроведе координирана полициска акција, во која е сузбиена 18 члена организирана криминална група, составена од лица од Скопје, кои подолг временски период биле инволвирани во вршење на кривични дела од областа на сериозен насилен криминал и недозволена трговија со оружје.

„Претреси се извршени кај 24 лица на вкупно 30 локации, од кои 28 на подрајче на Скопје и две на подрачје на Велес. По извршените претреси досега е пронајдено огнено оружје, друга опрема поврзано со истото, панцири и досега се пронајдени некаде околу 30 милиони денари, во различни апоени, кај осмоничените, пет моторни возила се одземени, накит, поголема количина на злато, девет мобилни телефони, пет сим картички, држачи за истите, 12 рачни часовници, ресивери и итн, кои се одземени и ќе бидат предмет на вештачење“, изјави Тошковски.

Во тек се претреси, а како што рече Тошковски и ќе продолжат и во наредните денови. Посочи дека поднесени се кривични пријави против 18 лица за сторени повеќе кривични дела, меѓу кои убиство, убиство во обид, кои се извршени во последните две-три години, а меѓу кои познато за јавноста во Шиша бар, кое предизвика голема вознемиреност кај македонската јавност. Поднесена е и кривична пријава за изнуда предизвикување на општа опасност и злосторничко здружување.

„Во текот на 2020 година дел од пријавените создале група, која имала за цел вршење на кривични дела убиство. Организаторите на оваа криминална група подготвувале планови и носеле одлуки, за тоа кој, кога, каде и на каков начин ќе биде лишен од живот, а одлуките ги спроведувале лично или преку припадници на криминалната група, кои ги прифаќале и спроведувале’, вели Тошковски.

Тој истакна дека во текот на 2021 година пет лица создале и група за извршување на убиства, кои се приклучиле кон оваа група, прифајќи го планот за лишување на лица од други организирани групи, како и на лишување на лица поради одмазда.

Тошковски истакна дека групата била организирана и секое од лицата имало задачи. Во 2023 година од осмоничените лица, или вкупно тројца формирале и група за изнуда, кои на насилен начин, со сериозни закани изнудувале пари од менаџери, сопственици, а дел од криминалната група била задолжена и за опожарување на објекти и автомобили. Секој од нив имал задачи во делот на планирање, упатување на закани, како и на земање на пари, за наводно обезбедување на објекти, меѓу кои и на спортски обложувалници. Оваа криминална група опожарила пет спортски обложувалници и една сендвичара. Оваа група се поврзува и со опожарување на возилата на вработени на затворската полиција. Министерот за внатрешни работи, Тошковски истакна дека со оваа истрага најмалку седум убиства се расветлени, а посочи дека акцијата покажала дека и нечесни полицајци, кои помогнале на еден од осмоничените на 10 минути пред да влезе полицијата во објектот излегол од него. Порача дека заврши времето на криминалот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ