недела, 9 февруари 2025

Тошковски: Потребни се сериозни системски реформи за брза и ефикасна реакција во секоја кризна ситуација.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска при посетата на кочанскиот крај ги посети и припадниците на Доброволното противпожарно друштво (ДПД) Кочани и Територијалната противпожарна единица Кочани. Како што соопшти МВР, на средбата Тошковски се запознал со предизвиците со кои се соочуваат припадниците на ДПД и на ТППЕ, но и сугестиите за унапредување на системот за справување со елемнетарни природни непогоди.

Објавено на

часот

Сподели

„Овие храбри луѓе, со огромна посветеност ги покриваат не само Кочани, туку и општините Зрновци и Чешиново-Облешево. Со 324 пожари само во 2024 година, нивната одговорност е огромна, а меѓусебната соработка меѓу ДПД и ТППЕ е на завидно ниво. Имав можност да ги видам нивните ресурси, да ги слушнам предизвиците со кои се соочуваат и да разговараме за тоа како да изградиме поефикасен систем за справување со пожари и елементарни непогоди“, изјавил Тошковски.

Тој при тоа ја нагласил потребата од реформа на овој значаен систем кој е од витално значење за безбедноста на граѓаните.

„Јасно е дека се потребни сериозни системски реформи за да обезбедиме брза, ефикасна и координирана реакција во секоја кризна ситуација. Како министер ќе направам сè што е во моја моќ за да ги поддржиме овие храбри луѓе и заеднички да вложуваме во иднината на доброволните противпожарни друштва“, потенцирал министерот Тошковски на средбата со припадниците на кочанското Доброволно противпожарно друштво и на Територијалната противпожарна единица.

Министерот Тошковски, воедно,  изразил благодарност до сите пожарникари и доброволци за нивната пожртвувана работа која е од непроценливо значење за безбедноста на граѓаните, шишува во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ