На новинарско прашање Тошковски рече дека тезите коишто се поставувале во изминатиот период од страна на опозицијата, а особено од страна на ДУИ, сами по себе се контрадикторни.
„ Македонскиот граѓанин, македонскиот народ многу добро знае што стои зад оваа интерпелација од аспект на нивно барање. Нека им е со среќа. Собранието ќе си постапи во насока на она што смета. Јас искрено сметам дека ова е еден низок обид за манипулација на јавноста“, рече министерот Тошковски, по средбата со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ.
Пратеничката група на Европскиот фронт, вчера поднесе интерпелации за министерот Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени, кои, како што велат, се главно одговорни за инцидентите на денот на албанското знаме.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Блерим Беџети на прес-конференција рече дека Тошковски и Исени, на денот на празникот на албанското знаме, како одговорни лица, и наредиле на полицијата на невиден и неоправдан начин да интервенира, спречувајќи мирна и традиционална манифестација на Албанците.
„Оваа интервенција предизвика непотребни тензии и ја поткопа атмосферата на мир и меѓуетнички соживот. Полицијата наместо да го одржува јавниот ред и да ги почитува правата на граѓаните да го прослават овој ден, поттикна конфронтации и ескалација на тензии. Ова неменаџирање на ситуацијата настана поради неспособноста и непрофесионалноста на министерот за внатрешни работи и неговиот заменик“, рече Беџети.
ДУИ поднесе интерпелации и за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ и достави барање на наредната седница на Собранието на дневен ред да биде ставена информација безбедносната состојба во земјата.