„Во однос на прашањата на СДСМ упатени до мене за тоа како притвореник во затворот во Шутка добил пристап до мобилен телефон, сакам да истакнам дека во секоја правна и демократска држава, најмалку што може да се очекува од политичари кои седум години управувале со институциите е барем основно познавање на нивната поставеност, односно да знаат дека затворите не се во надлежност на Министерството за внатрешни работи, туку на Управата за извршување санкции која е орган во состав на Министерството за правда. Но, суштината не е во ‘незнаењето’, туку во нешто многу полошо, а тоа е намерна злоупотреба на една трагедија за собирање на евтини политички поени. Наместо да покажат минимум човечност и емпатија, тие избраа да водат некрофилска кампања, со која на најмизерен начин се обидуваат политички да профитираат од туѓа несреќа“, напиша Тошковски на својот фејсбук-профил.
Социјалдемократскиот сојуз попладнево преку соопштение побара од министерот Тошковски и од директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов да одговорат кој му дозволил на момчето да има мобилен телефон.
Пандов попладнево потврди дека е најден мобилен телефон кај момчето и најави дисциплинска постапка откако ќе биде утврдено кој го обезбедил телефонот.
„Направен е претрес, одземен е тој телефон, а притоа одземени се и други телефони. Направени се претреси во повеќе ќелии и се прави истрага кој е тој полицаец кој го дал телефонот, иако мојот сомнеж е дека не е еден, туку повеќе кои го тераат тоа како бизнис. Како нова власт имаме фатено доста такви, но за жал, се уште има такви“, изјави Пандов.
За утре во 17 часот е најавен нов протестен марш под мотото „Кој е следен“. Целта, како што наведуваат организаторите, е да се адресираат трите главни проблеми и тоа нефункционалност на системот за заштита на децата и младите кои се во судир со законот, недоволната безбедност во градовите и глорификација на девијантното однесување.