четврток, 19 декември 2024

Тишнер, директор во Визер: Ги разгледуваме сите можности за нови авиолинии

Авиокомпаниите се соочуваат со зголемени трошоци поради инфлациските притисоци и законите за заштита на животната средина, но можеме да ги апсорбираме дополнителните трошоци за да ги задржиме евтините летови и да ја стимулираме побарувачката, вели во видео интервју за МИА Роланд Тишнер, извршен директор и директор за операции во авиокомпанијата „Визер“.

Објавено на

часот

Сподели

Со Тишнер разговаравме завчера во тек на неговата посета на Скопје, по повод официјализирање на летовите од Скопскиот аеродром до Барселона, Лион и Штутгард, за кои авиокомпанијата ќе користи субвенции од нашата Влада.

Според Тишнер, патниците апсолутно можат да сметаат на евтини летови.

– Ние веруваме во евтини летови, всушност нашиот цел бизнис модел се заснова на нудење на евтини летови за нашите патници. Авионските компании се соочуваат со зголемени трошоци поради инфлациските притисоци и законите за заштита на животната средина, но, според мене, постојат два начини да се пристапи кон овој проблем. Едниот е да ги земеме сите овие дополнителни трошоци и да ги зголемиме цените за патниците, но ова не е начинот на којшто сакаме да водиме бизнис. Она што ние го правиме, ние ја имаме најдобрата флота на авиони, најмладата флота со најнизок јаглероден отпечаток во Европа, исто така имаме висока оперативна ефикасност и како резултат на сè ова можеме да ги апсорбираме дополнителните трошоци за да ги задржиме евтините летови и да ја стимулираме побарувачката, вели Тишнер.

По објавата на последниот повик за субвенционирање на нови авиолинии од Владата, Тишнeр вели дека ги разгледуваат сите можности што можат да бидат поддржани за нови авиолинии.

– Постојано сме во потрага по нови можности. Сега објавивме три нови дестинации. Секогаш кога доаѓав во земјата ми беше поставувано прашањето за Барселона што е многу посакувана дестинација, тука се исто така Лион и Штутгарт. Подоцна би можеле да го вклучиме и летот Охрид-Базел, но генерално ги разгледуваме сите можности што можат да бидат поддржани, наведува Тишнер.

Тој оценува дека шемите за поддршка со субвенции се корисни за Владата, економијата и за граѓаните бидејќи се отвораат нови дестинации и се креираат директни и индиректни работни места во земјата.

По намалувањето на рутите поради проблемите поврзани со ланците за снабдување, особено во однос на ГТФ моторите,  вели дека со новите испораки од Ербас можат постепено да ја враќаат флотата, да го зголемат капацитетот и некои од дестинациите набрзо да се вратат.

– Како и многу други авиокомпании, и нашата беше под удар на проблеми поврзани со ланците за снабдување, особено во однос на ГТФ моторите. Овој вид на мотор е најефикасниот на пазарот. Поради проблеми поврзани со производството, многу од овие мотори беа повлечени заради инспекција и затоа моравме да паркираме дел од нашата флота. Тоа доведе до кратење на дел од нашите капацитети, а со тоа и дел од дестинациите за корисниците. Добрата вест е што со новите испораки од Ербас можеме постепено да ја враќаме флотата, да го зголемуваме капацитетот и некои од овие дестинации може набрзо да се вратат, наведува Тишнер.

Со  него разговаравме и за можностите за развој на аеродрoмите и важноста на тековните и идните инвестиците во таа насока.

– Имаме долготрајна соработка со скопскиот аеродром, ни се допаѓа овој аеродром и многу сме задоволни со перформансите. Има одредени ограничување во однос на инфраструктурата на аеродромот, знаете дека има ограничување на бројот на поаѓања на час. Но аеродромот веќе вложува во нова опрема, особено кога станува збор за безбедност, на пример скенерите се стари и има само две ленти, но тие инвестираат во нови скенери и се надеваме дека ќе бидат во употреба следното лето и ќе го зголемат капацитетот, како резултат претпоставувам дека и ние би можеле дополнително да ги зголемиме капацитетите. Постојат и други долгорочни инвестиции, на пример можеби знаете дека има одредени ограничувања околу слетувањата по зајдисонце, тие се вршат само во една насока. Исто така Скопје е доста магливо во зима и има одредени денови кога мораме да ги пренасочиме операциите на други аеродроми. Ова се очигледно долгорочни инвестиции, не може да се направат преку ноќ, но со овие инвестиции мислам дека аеродромот би имал речиси бескрајна можност да се развива, укажува Тишнер.

Во контекст на конкуренцијата на пазарот, посочува дека се натпреваруваат со многу традиционални и нискобуџетни авиокомпании.

–  Навикнати сме на тоа. Всушност сакаме конкуренција, тоа ја прави нашата авиокомпанија посилна и подобра. Но и покрај тоа ние имаме подобри цени, го знаеме пазарот подобро, посветени сме на македонскиот пазар и сме лидери на пазарот овде, што несомнено не става во подобра позиција против конкуренцијата, вели Роланд Тишнер, извршен директор и директор за операции во авиокомпанијата „Визер“.

MИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ