петок, 18 октомври 2024

Таравари не верува дека здравствен работник намерно ќе повреди бебе, но ќе сочека стручен извештај

„Некакви докази дека намерно е повредено тримесечното бебе нема, така што, какко што кажав и на почетокот – да бидеме внимателни и да ги слушнеме и двете страни. Не верувам дека постои здравствен работник којшто би бил подготвен да повреди дете од три месеци. Да бидеме внимтелни“, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари во врска со случајот за тримесечното бебе кое на скопската клиника, според родителите, било удрено од медицинска сестра во револт затоа што мајката не знаела да зборува на македонски јазик.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот рече дека го чека извештајот од комисијата формирана на универзитетската Клиника за детски болести во врска со случајот за кој се тврди дека  тримесечното бебе се здобило со модринки по телото на оваа клиника.

„Јас вчера бев брифиран од директорот на Клиниката за педијатрија дека случајот е разгледан и дека е разговарано. Според него, повеќе станува збор за невнимание од сестрите со бебето кое што било немирно. Меѓутоа не сакам дефинитивно да кажам оти немам писмен извештај. Меѓутоа, преземени се одредени дисциплински мерки и медицинскиот кадар треба да биде многу внимателен со сите пациенти без разлика на етничката припадност, а посебно со децата. Јас се надевам дека мерките што ќе ги преземе комисијата заедно со директорот ќе се ефектуираат, а ако се повтори, јас мислам дека тогаш веќе веднаш треба да се исклучи медицинскиот кадар. Некакви докази дека намерно тоа е направено нема, така што, јас кажав и на почетокот – да бидеме внимателни да ги слушнеме и двете страни. Не верувам дека постои здравствен работник којшто би бил подготвен да повреди дете од три месеци. Да бидеме внимтелни. Очекувам писмено да ги прочитам сите констатации од Комисијата од Клиниката за педијатрија па повторно ќе ве известам“, рече Таравари во Собранието во изјава за медиумите каде учествуваше на седница на собраниската Комисија за здравство.

Прашан за кого се води дисциплинска постапка во врска со случајот, тој рече дека таа е покрената за две лица, од кои една е медицинска сестра.

„Најверојатно за медицинска сестра и некој од болничарите. Меѓутоа, повторно не сум сигурен. Очекувам писмено да ми бидат испратени наодите. Вчера бев брифиран само од директорот. За медицинската сестра знам сигурно, но за вториот не знам кој е“, рече Таравари.

Тој рече дека бил исправен неговиот потег да го посети семејството на тримесечното бебе.

„Апсолутно, јас ќе продолжам, ќе го посетувам секој пациент којшто ни пишува и лично. Ние треба да постапуваме, да бидеме секогаш со пациентите, меѓутоа и со здравствените работници, така што ќе продолжам и понатаму. Освен трите или четири мобилни екипи сигурно ќе бидам присутен и јас на секој настан кај што гледам дека има некаква или сигурна неправилност од медицинскиот персонал или сомнеж за нерегуларно работење на медицинските работници“, порача министерот Таравари.

По објавување на случајот, на Детската клиника била формирана стручна комисија која треба да ги утврди сите факти во врска со овој случај и да открие дали модринките по телото на тримесечното бебе се последица на нехумано третирање или пак на неговата специфична здравствена состојба.

Семејството на тримесечното бебе обвини дека медицинска сестра од Детската клиника насилно постапувала со бебето поради етничка нетрпеливост. Од Здружението на медицински сестри апелираа да не се фрла сенка врз професијата и да не се генерализира, и нагласија дека очекуваат надлежните да излезат со вистински аргументи и факти за случајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ