недела, 22 декември 2024

СЗО: Повеќе од 560.000 деца се вакцинирани против детска парализа во Газа

Првиот круг од кампањата за вакцинација против детска парализа во Појасот Газа е успешно завршен, изјави вчера првиот човек на Светската здравствена организација (СЗО).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Повеќе од 560.000 деца под 10-годишна возраст ја примиле првата доза од вакцината, рече Тедрос Аданом Гебрејесус во објава на Икс. „Ова е огромен успех среде трагичното секојдневие во Појасот Газа“, додаде тој.

СЗО и партнерските групи преговараа за привремен прекин на огнот со Израел и палестинската милитантна група Хамас за да им овозможат на семејствата да ги носат своите деца во центрите за вакцинација и мобилните тимови за вакцинација да стигнат до семејствата.

Хуманитарните паузи од девет часа секој ден овозможија безбедност на заедниците и здравствените работници, рече претставникот на СЗО, Ричард Пиперкорн. „Во областите каде што имаше хуманитарни паузи, кампањата донесе не само вакцини, туку и моменти на мир“, рече тој.

За време на кампањата, која траеше нешто помалку од две недели, немаше поголеми инциденти. На децата ќе им треба втора доза од оралната вакцина за четири недели за да бидат заштитени од инфекција.

„Додека се подготвуваме за следниот круг за четири недели, се надеваме дека овие паузи ќе траат, бидејќи оваа кампања јасно му покажа на светот што е можно кога ќе му се даде шанса на мирот“, додаде Пиперкорн.

Жан Гоф, претставник на УНИЦЕФ во Палестина, го поздрави напредокот постигнат во првиот круг на вакцинација, но додаде дека „работата е далеку од завршена“.

„Подготвени сме да ја завршиме задачата и да ги повикаме сите вклучени да се погрижат да го направиме тоа во следниот круг за четири недели“, рече тој.

Кампањата следи откако во јули беа откриени три случаи на детска парализа во Газа, први регистрирани случаи во областа по 25 години. Експертите стравуваат дека појавата на полио може да биде неизбежна бидејќи стотици илјади внатрешно раселени лица во моментов се принудени да живеат во бедни услови за живот.

Според податоците на СЗО, повеќе од 90 отсто од децата мора да се вакцинираат за да се спречи ширењето на полио.

СЗО соопшти дека првичната цел за кампањата – 640.000 деца – била проценета без точна анкета и можеби била претерана поради раселувањето и тековните непријателства.

Дополнителни 65 независни набљудувачи биле распоредени за да го потврдат процентот на деца вакцинирани низ Појасот Газа.

Повеќето од 2 милиони жители на Газа се раселени, некои од нив и неколку пати, од почетокот на израелската воена операција пред речиси 11 месеци, бидејќи нивните населби биле бомбардирани и нивните домови делумно уништени.

Израел му објави војна на Хамас, кој ја контролира Газа, по терористичките напади врз Израел на 7 октомври во кои загинаа околу 1.200 луѓе.

Според ОН, кои се повикуваат на локалните власти, повеќе од 40.000 луѓе загинале во Појасот Газа од почетокот на конфликтот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ