сабота, 26 октомври 2024

СЗО го повика Израел да се откаже од нападот на Рафа

Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус денеска го повика Израел „во име на човештвото“ да се откаже од нападот врз Рафа, на југот на Појасот Газа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Сериозно сум загрижен поради информациите за израелски план за копнен напад на Рафа. Ескалацијата на насилството во таа густо населена област би довела до уште поголема смрт и страдање“, напиша Гебрејесус на социјалната мрежа Икс.

„Во име на човештвото, го повикуваме Израел да го стори ова и да работи на мирот“, додаде тој, оценувајќи дека евакуацијата што ја планираше израелската армија пред нападот не е изводливо решение.

Според него, 1,2 милиони луѓе во Рафа немаат безбедно место каде да одат, бидејќи во Појасот Газа нема целосно функционални и безбедни здравствени и други установи каде што би можеле да одат.

„Многу луѓе се премногу кревки, гладни и болни за повторно да бидат раселувани“, рече шефот на СЗО.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во петокот ги одобри плановите на армијата за офанзива во Рафа, дел од територијата што се граничи со затворената граница со Египет, каде што засолниште најдоа многу цивили, прогонувани од израелската офанзива на север, потоа во центарот и на југот од Појасот Газа.

Таа операција, за која САД и ОН продолжуваат да предупредуваат, би можела да биде спроведена во отсуство на договор за прекин на огнот или по евентуална шестнеделна пауза во борбите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ