сабота, 27 јули 2024

Светските медиуми за војната во Украина: Или да се собори Путин или да се послуша Кисинџер

Објавено на

часот

Сподели

Медиумите во ЕУ се видно преокупирани со прашањето каде украинската војна ги води Европа и светот, а сè повеќе и економскиот и енергетскиот светски вител, а денес внимателно се следат извештаите од бојното поле, во кои се вели дека руските сили постепено напредуваат.

Во освртите се укажува на настојувањата на американското раководство, како и на Полска, балтичките и скандинавските земји, да се продолжи со испорака на тешко оружје во Киев и да се оди на „кршење на Русија и Путин“, но се предочува и ставот на Франција, Германија, Италија, Шпанија да се согледа и крај на конфликтот преку мировни преговори.

Италија, згора на тоа, поднесе предлог за мировен план за Украина до Обединетите нации, но Москва го отфрли, нагласувајќи дека „не може со една рака да се испраќа оружје во Украина, а со другата да се носи мировен план“.

Во западноевропските медиуми одекна и пораката на поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер на Светскиот економски форум во Давос дека војната во Украина може да заврши поволно за Европа и за целиот свет само ако таа земја стане неутрална, мост на соработка со Русија, а не одбранбен бедем на Западот против остатокот од светот и туркање на Москва во сојуз со Пекинг.

Кисинџер предупреди дека во спротивно сè ќе се претвори во војна меѓу Западот и Русија и рече дека Украина треба да ѝ отстапи дел од својата територија на Русија заради мирот, што предизвика критики во Киев, а делумно и во САД, и особено во земјите на северна Европа.

Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека руската инвазија е „брутална“, но нагласи дека „завршувањето на руската војна во Украина би било најдобро за целата планета“, иако, посочи, „не можеме да дозволиме Путин да победи во таа војна… да наметне свој мир“.

Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека крајот на војната и мировниот договор не смеат да значат „понижување на Русија“.

Кориере дела сера наведува дека во трите можни решенија за војната во Украина, првата варијанта е „ништо да не му се попушти на Путин“ и објаснува дека тоа е „тезата на суперјастребите“ во Вашингтон.

„Олицетворение на таа тврда линија се Британците“, предочува весникот, „кои во таа војна се трудат да ја остварат својата силна желба повторно да станат светска сила, да ја потврдат ‘посебната врска’ со Американците, да се покажат како спротивност на поделената Европа и да им зададат смртен удар на пријателите на Москва“.

„Авганистанската варијанта“, велат експертите на весникот, би била решение, и покрај сите разлики со украинската војна – тоа да не биде целосен пораз на Русите, туку доказ дека руските трупи не се во состојба да го скршат украинскиот отпор, иако украинската армија не би можела да ја победи руската, дури и ако продолжат западните испораки на оружје.

Решението потоа се совпаѓа со ставот на Кисинџер дека Украина треба да се откаже од барањето за враќање на Крим и Донбас, како и од воени репарации од Москва.

Кориере дела сера исходот го гледа и во фактот дека „ако Украина прерасне во стабилна демократија, обновена со милијарди долари помош и средства од замрзнатиот руски имот на Западот, тоа би било доказ дека Путин погрешил и со текот на времето би предизвикало колапс на режимот на Путин… исто како што повлекувањето од Авганистан влијаеше на колапсот на советскиот систем“.

На оцената дека постојат „јастреби“ и оние што во редовите на Западот би биле склони да се оди на мировен договор се надоврза и уредничкиот колегиум на Њујорк тајмс, кој смета дека „тврдите воинствени пораки“ на американскиот врв дека треба да се собори Путин и да се ослаби Русија „воопшто не ги приближуваат преговорите (за мир)“.

Уводникот на Њујорк тајмс го прокоментира и азискиот дневен весник Ејжа тајмс, кој посочува дека „неоконзервативците водат американска надворешна политика чија цел отсекогаш била војна преку посредници за Русија да се фрли на колена“.

„Неоконзервативците се придржуваат“, пишува во анализата, „до доктрината на американскиот помошник секретар за одбрана Пол Волфовиц на крајот на Студената војна во 1992 година, според која задачата на Америка мора да биде да се спречи која било непријателска сила да стекне превласт во регион чии природни ресурси би биле доволни за да ѝ овозможат светска моќ“.

Во актуелната американска администрација, главни застапници на оваа доктрина се државниот секретар Ентони Блинкен, неговата помошничка Викторија Нуланд и советникот за национална безбедност Џејк Саливан.

Некои европски медиуми ја пренесоа и анализата на водечкиот аналитичар на американскиот Совет за надворешни односи, Чарлс Капчан, кој вели дека „дојде време демократиите од двете страни на Атлантикот сè да свртат кон прекинување на војната“.

Капчан смета дека „спасувањето на врските со Русија“ е важно за светскиот мир и за интересите на САД „бидејќи иако почнува нова Студена војна, дијалогот ќе биде уште поважен отколку во претходната Студена војна, бидејќи светот денес е меѓусебно зависен и глобализиран“.

„А заедничките предизвици со Москва се разоружувањето и контролата на оружјето, климата, сајберсферата, подобрувањето на светското здравје“, што, заклучува американскиот аналитичар, нема да биде можно ако војната во Украина се претвори во трајно жариште.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ