вторник, 4 февруари 2025

Светски ден за борба против ракот: Повеќе надеж за болните деца

Ракот е ретка појава кај децата, но секое петто дете кое ќе го добие умира од него. Лекови за деца има малку. Истражувачите во Хајделберг одгледуваат мини тумори што им ги испраќаат лекари од целиот свет. На тие тумори тестираат лекови.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Во 2022 година, на повеќе од 275.000 деца и адолесценти ширум светот им бил дијагностициран рак, повеќе од 105.000 деца починале од оваа болест.

Во Европа годишно од рак заболуваат 35.000 деца, во Германија, според податоците на Регистарот за детски болести на рак (ДКР) 2.400 деца. За споредба, во Германија секоја година се регистрираат околу 500.000 нови случаи на рак кај возрасните, пренесува Дојче веле.

Најчеста форма на рак кај децата е леукемијата (рак на крвта), додека адолесцентите најчесто заболуваат од лимфом (рак на лимфните јазли).

Според податоците на Франкфуртската фондација за деца заболени од рак, 80 отсто од пациентите се излекувани. Сепак, шансите за излекување на многу видови на рак не се подобрија во последните 30 години – едно од пет деца заболени од рак умира.

Ако излеченото дете подоцна доживее рецидив, прогнозата е лоша. Во просек, времето на преживување во такви случаи е осум месеци. Дополнително, не постои стандардизиран третман за рецидиви.

Еден од најголемите проблеми во лекувањето на ракот кај децата е недостатокот на специјализирани лекови. За деца, има само мал дел од она што е достапно за возрасни пациенти. Многу нови лекови кои се појавуваат на пазарот се одобрени исклучиво за возрасни.

Затоа, истражувачите од Хоп центарот за детски тумори во Хајделберг се потпираат на индивидуализиран пристап на третман со помош на „мини тумори“. Од 2019 година, лекарите – не само од Германија, туку и од странство – можат таму да испраќаат примероци од ткиво од деца заболени од рак, кога станува збор за високоризични пациенти или деца кои веќе имале рак.

Врз основа на овие примероци, истражувачите растат стотици мини тумори, објаснува Ина Еме, раководител на Одделот за тестирање на лекови. Овие мали тумори, познати и како органоиди, овозможуваат тестирање на 80 различни лекови во различни дози и комбинации.

Според д-р Ема, досега во Хајделберг се добиени повеќе од 500 примероци од ткиво, од кои две третини биле погодни за тестирање. Во околу 80 отсто од тие примероци е пронајден соодветен лек, односно медикамент, што довело до повлекување на туморот во лабораториски услови. Околу три недели по земањето на примерокот, истражувачите можат да кажат дали одреден лек делува или не.

Покрај тестирањето на лекови, истражувачите од Хајделберг го секвенционираат целиот туморски геном за подобро да ги разберат биолошките процеси зад детскиот рак и тешките болести на крвта.

Хоп центарот ја води и првата паневропска програма за секвенционирање на геномот за деца со рак. Досега во таа програма се вклучени повеќе од 1.700 пациенти, повеќе од сто центри од 12 европски земји и Израел досега испратија примероци од тумор од болни деца-пациенти во Хајделберг.

Иако и други истражувачки центри користат одгледување мини тумори за тестирање на лекови, специфичноста на проектот Хајделберг лежи во неговата систематска методологија. Поради големиот број тумори кои ги собира, центарот има обемна база на податоци, што овозможува попрецизни и посигурни резултати, објаснува Ута Дирксен, педијатриски онколог од Универзитетската болница во Есен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ