Изборната кампања на новиот претседател на САД, Доналд Трамп, изобилуваше со ветувања за одлуки со кои тој ветуваше подобрување на економијата на државата. Депортации на мигранти без документи, повеќето од Мексико, високи царински давачки за увоз на производи од Канада, Мексико, Кина и ЕУ, закана за окупација на Гренланд и на Панамскиот канал, ако тие не бидат добиени преку купопродажен договор и ред други шокантни ветувања… По инаугурацијата дојде време да се потпишат ветувањата во форма на извршни одлуки од кои, според американскиот систем, дел не зависат од потврдување во Конгресот.
Меѓу првите одлуки кои Трамп веднаш ги потпиша и кои стапија на сила се депортациите на мигрантите без документи, најмногу во Мексико и укинувањето на правото за добивање на американско државјанство на лица родени во САД, од родители кои не се американски државјани.
Ова право веќе ќе биде оспорено пред Врховниот суд на САД а кое е гарантирано со Устав. Трамп потпиша помилување на 1.500 осудени учесници во нападот на Капитол Хил на 6 јануари 2021 година, еден вид на оправдување на насилството кое го спроведоа неговите следбеници. Дополнително, тој потпиша повлекување на САД од Светската здравствена организација (World Health Organization) и од Парискиот договор за намалување на загадувањето на глобално ниво.
Последиците од повлекувањето на САД од СЗО се двострани. СЗО ќе остане без парите кои ги плаќаше САД за членство и кои Трамп ги посочи како главна причина за повлекувањето, споредувајќи дека САД за една година дала 1.3 милијарди долари, додека Кина дала само 33 милиони. Поради недостаток на финансии, ќе страдаат програмите за вакцинација на загрозените земји, борбата против туберкулоза и дијабетес, а останатите земји-членки ќе немаат пристап до истражувачките програми во медицината во САД.
Од друга страна, штетата која ќе ја претрпат граѓаните на САД поради ова истапување ќе се одрази преку зголемениот број на заболени од грип, отсуството на вакцини за грип поради немање на соработка, немањето пристап до глобалната датабаза на болести, инфекции, вакцини… Исто така, САД ќе немаат влијание во креирање на глобалните здравствени политики и ќе остават простор за делување за Кина и Русија.
Повлекувањето од Парискиот климатски договор е креирање простор за зголемување на инвестициите во ископ на јаглен, индустријата која користи јаглен и зголемување на производството на нафта од нафтени шкрилци, технологија која е високо загадувачка за подземните води.
Закани кон Русија и Кина
Најавата за тоа каква ќе биде политиката на САД кон Европската Унија ја видовме со отсуството на британскиот премиер Кир Стармер, германскиот премиер Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон од инаугурацијата на Трамп.
Ова јасно покажува дека Трамп не ги смета Британија, Франција и Германија за еднакви партнери иако сите заедно се земји-членки на НАТО. Нивното отсуство не било затоа што овие лидери не можеле да дојдат, туку затоа што не биле поканети.
Од друга страна, присутни беа десничарски политичари како полскиот премиер Матеуш Моравјецки, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони. Кинескиот претседател Ши Џинпинг бил поканет, но наместо него, дошол потпретседателот на Кина. Ова отсуство значи дека Кина не е задоволна со изјавите и однесувањата на Трамп кон неа и дека не е многу „радосна“ од неговиот избор за претседател.
Барањата на Трамп да ги купи Гренланд и Панамскиот канал не беа само ширење на просторот на доминација, туку и покажување на страв од Русија и Кина, кои се’ повеќе го зголемуваат своето присуство на Арктикот и тоа САД го гледаат како загрозување на својата безбедност.
Од друга страна, Трамп ги обвинува Кинезите за влијание врз Панама и загрозување на неутралноста на тој канал, затоа што се зголемени кинеските инвестиции во оваа држава. Кинезите, исто така, не ги заборавија изјавите на Трамп дека ќе ги згoлеми тарифите на увоз на кинеска стока на 60%.
Дополнително, Трамп ја обвини Кина за поплава од фентанил на пазарот на наркотици во САД што предизвикало удвојување на смртните случаи од овој опиоид од 36.359 во 2020, на 73.838 во 2021. За волја на вистината, фентанилот својот пат до корисниците во САД го нашол преку Мексико поради присуството на кинеските дилери на дрога во оваа држава, кои уште од 2010 година го разменувале фентанилот произведен во Кина – за чист кокаин од Мексико.
Меѓу првите одлуки кои претседателот на САД ги потпиша беше и замрзнувањето на странската помош на период од 90 дена. Тоа значи дека нема ни оружје, ниту друг вид на помош за Украина.
Ова е јасен знак за остварување на намерата на Трамп да ја запре војната во Украина и доказ за неговите предизборни тврдења дека воената и финансиска помош за Украина од САД економски ја исцрпува земјата. Сепак, позадината на оваа одлука не е само наводно исцрпување на САД од воената помош за Украина, туку чекор кон оставање на обновата на Украина на ЕУ, нешто што ЕУ нема средства да го направи затоа што Унијата се доведе до економска криза, прифаќајќи ја наметнатата политика од САД на санкции кон Русија.
Прекинувањето на купување на нафта и плин од Русија економски ја исцрпи ЕУ и поради својата инфантилна политика кон САД и слепо следење на американските интереси. ЕУ прифати да купува нафта и плин од САД кои беа 4 пати поскапи од руските енергенси. Од друга страна, САД сфатија дека со санкции и војна економски не успеаја да ја скршат Русија, па полека се подготвуваат за истата одлука како онаа со покривањето на поразот во војната во Ирак: прогласи победа и повлечи се. Во конкретниот случај: престани да даваш оружје и пари и остави ги трошоците на обнова на Украина на ЕУ.
Економските војни не се потребни
Професорот по економија на Универзитетот во Масачусестс – Амхерст, САД, Ричард Волф објаснува дека заканите на Трамп за тарифи за увозна роба од Кина и за санкции кон Русија, се непресметана одлука затоа што САД се длабоко зависни од Кина, Индија, Бразил и останатите земји каде тие го извезле своето производство.
Кина ги следи изјавите и одлуките на американските претседатели и секогаш има подготвена стратегија за одбрана на своите интереси. Кина веднаш одговори на одлуката на САД да воведат 10% на кинескиот увоз, со 15% царина на увоз на јаглен и течен гас и 10% за сирова нафта. Дополнително, професорот Волф објаснува дека со царините за Мексико, Канада и Кина ќе се зголеми инфлацијата во САД.
Според него, нема потреба од економски војни, затоа што империјата на САД пропаѓа, а промените треба да дојдат од самите американски граѓани. Земјите од Третиот свет веќе не се вртат кон САД и западните земји за инвестиции и економска помош, туку кон Кина и БРИКС. САД одамна не се прва економија во светот и остатокот од светот многу лесно може да преживее без нивните финансии и производи. Заканите за војни и санкции на Трамп се само залажување на американските граѓани за состојбата во која се наоѓа земјата и глувост кон повиците на интелектуалците дека иднината на САД е во соработката, а не во војните и санкциите.
Земјите членки на БРИКС сочинуваат 50% од светската популација, додека САД се само 4%. Светот може без САД, прашање е колку САД може без светот.
Соња Стојадиновиќ