На најтесната точка, мореузот е широк само 33 километри, додека бродскиот пловен пат е широк само два километри во секоја насока, што го прави преполн и опасен.
Големи количества сурова нафта, извлечена од нафтените полиња низ Персискиот Залив од земјите членки на ОПЕК, како што се Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Ирак, минуваат низ овој теснец и се дистрибуираат низ целиот свет.
Според податоците на консултантската фирма Вортекса, која се занимава со анализа на пазарот на енергија и транспорт, се проценува дека околу 20 милиони барели сурова нафта, кондензат и гориво минуваат низ овој пат секој ден. Катар, еден од најголемите светски производители на течен природен гас (ЛНГ), е во голема мера зависен од овој теснец за извоз на својот природен гас.
Каква е моменталната состојба во теснецот?
Конфликтот меѓу Израел и Иран повторно го привлече вниманието на безбедноста во овој морски премин.
Иран во минатото се закануваше дека ќе го затвори Ормускиот теснец за сообраќај како одговор на притисокот од Западот. Сепак, откако избувна конфликтот, немаше поголеми напади на комерцијалните бродови во регионот.
Сепак, сопствениците на бродови се сè повнимателни, некои ги зголемија безбедносните мерки, додека други ги откажаа рутите низ тој дел, објавува агенцијата Асошиејтед прес.
Електронското попречување на навигациските системи на комерцијалните бродови нагло порасна во последните денови околу теснецот и поширокиот Персиски Залив, изјавија поморски извори за Ројтерс. Ова попречување, наведуваат тие, влијае на бродовите што минуваат низ регионот.
Бидејќи не се наѕира крај на конфликтот, пазарите остануваат напнати. Секоја блокада на теснецот или нарушување на протокот на нафта може да предизвика остар скок на цените на суровата нафта и сериозно да влијае на увозниците на енергија, особено во Азија.
Во меѓувреме, цените на транспортот за танкери што превезуваат сурова и рафинирана нафта од регионот значително се зголемија во последните денови. Цената на транспортот на гориво од Блискиот Исток до Источна Азија се зголеми за речиси 20 отсто во трите дена што завршија во понеделникот, објави Блумберг, повикувајќи се на податоци од Балтичката берза. Цените за Источна Африка, во меѓувреме, скокнаа за повеќе од 40 отсто.
Кој ќе биде најпогоден во случај на прекин на снабдувањето?
Според проценките на ЕИА дури 82 отсто од суровата нафта и другите горива што минуваат низ Ормускиот теснец одат кај азиските потрошувачи.
Кина, Индија, Јапонија и Јужна Кореја се главните дестинации: речиси 70 отсто од вкупниот проток на сурова нафта и кондензат кои минуваат низ теснецот.
Затоа азиските пазари би биле најпогодени во случај на прекин на снабдувањето.
Како затворањето на теснецот би влијаело врз Иран и земјите од Персискиот Залив?
Ако Иран преземе чекори за затворање на Ормускиот теснец, тоа би можело да предизвика воена интервенција на САД. Петтата флота на американската морнарица, која е стационирана во блискиот Бахреин, има задача да го заштити комерцијалниот бродски сообраќај во регионот.
Секој обид на Иран да го наруши протокот на нафта низ теснецот би можел да ги загрози односите на Техеран со арапските држави од Персискиот Залив, како што се Саудиска Арабија и ОАЕ – земји со кои Иран внимателно гради подобри односи во последните години.
Земјите од Персискиот Залив досега го критикуваа Израел за напад врз Иран, но доколку иранските дејствија се мешаат во нивниот извоз на нафта, тие може да бидат принудени да се свртат против Иран.
Освен тоа, самиот Техеран зависи од Ормускиот теснец за извоз на својата нафта до купувачите, што го прави затворањето контрапродуктивно, велат експертите.
„Затворањето на Ормускиот теснец би било контрапродуктивно за односите на Иран со неговиот единствен купувач на нафта – Кина. Економијата на Иран во голема мера зависи од слободниот премин на стоки и бродови низ овој морски премин, бидејќи неговиот извоз на нафта се врши целосно по море“, ги цитира Ројтерс аналитичарите на Џеј Пи Морган – Наташа Канева, Пратика Кедија и Љуба Савинова.
Дали постојат алтернативи на теснецот?
Земјите од Персискиот Залив, како што се Саудиска Арабија и ОАЕ, во последните години бараат алтернативни патишта за заобиколување на теснецот. Двете земји имаат воспоставено инфраструктура што им овозможува да транспортираат дел од нивната нафта во други насоки.
На пример, Саудиска Арабија управува со нафтоводот Исток-Запад со капацитет од пет милиони барели дневно, додека ОАЕ има нафтовод кој ги поврзува нивните копнени нафтени полиња со извозното пристаниште Фуџајра на брегот на Оманскиот Залив.
ЕИА проценува дека во случај на прекин на сообраќајот низ Ормускиот теснец, околу 2,6 милиони барели сурова нафта дневно би можеле да се транспортираат преку алтернативни патишта.