понеделник, 15 декември 2025

Зеленски се огласи по потпишувањето на законот поради кој народот излезе на улица

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска соопшти дека на состанокот со раководителите на антикорупциските тела разговарал за законодавни одлуки кои, како што наведе, ќе ја зајакнат работата на секоја институција, ќе ги решат постоечките противречности и ќе ги отстранат заканите.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Сите слушаме што зборува општеството. Гледаме што очекуваат луѓето од државните институции за да се обезбеди правда и ефикасност на секоја институција… Сите ќе работат заедно, а ние ќе ги поддржуваме на политичко ниво“, изјави тој на Телеграм, пренесува Укринформ.

Според Зеленски, разговорот бил „неопходен, искрен и корисен“.

„Сите ние имаме заеднички непријател – руските окупатори, а заштитата на украинската држава претпоставува доволна сила на системот за спроведување на законот и борбата против корупцијата, а со тоа – и вистинско чувство за правда“, додаде тој.

Тој нагласи дека кривичните постапки не треба да траат со години без законски пресуди, „и оние што работат против Украина не треба да се чувствуваат удобно и да не чувствуваат неизбежност на казна“.

Зеленски најави дека следната недела ќе одржи работен состанок за план за заеднички дејствија, кога треба да биде готов заедничкиот план за понатамошните чекори што ќе се спроведат со цел, како што изјави, „да се зајакне Украина и да се решат постојните проблеми, да се обезбеди поголема правда и навистина да се заштитат интересите на украинското општество“.

Тој им се заблагодари на шефовите на Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ), Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САП), Службата за безбедност на Украина (СБУ), Националната агенција за спречување на корупцијата (НАЦП), Државното биро за истраги (ДБР), Министерството за внатрешни работи и јавниот обвинител за нивната подготвеност да работат како тим и во интерес на Украина.

Во вторник, Врховната рада усвои закон со кој се намалуваат овластувањата на НАБУ и САП, по што директорот на НАБУ, Семен Кривонос, го повика претседателот на Украина да не го потпишува, бидејќи сега „две независни институции, НАБУ и САП, всушност целосно се префрлаат во зависен режим“.

Зеленски подоцна го потпиша овој закон.

Народните пратеници започнаа акција за собирање потписи и подготовка на уставен поднесок до Уставниот суд на Украина во врска со законот за стеснување на овластувањата на НАБУ и САП.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ