вторник, 8 јули 2025

Зеленски го одби мировниот предлог на Русија

Руските преговарачи директно ѝ кажале на украинската делегација дека нивниот меморандум за мир е всушност ултиматум што Киев не може да го прифати, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за унгарскиот медиум Валаш онлајн објавено денес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Тие дури и ѝ кажаа на нашата делегација: знаеме дека нашиот меморандум е ултиматум и дека нема да го прифатите“, рече Зеленски. „Значи, прашањето не е квалитетот на истанбулскиот формат, туку што да се прави со руските лаги“, оцени тој.

Зеленски верува дека главната цел на Москва е да ја поткопа западната поддршка за Украина и во исто време да ги одложи преговорите со продолжување на воената агресија.

Неговите изјави доаѓаат по втората рунда директни преговори во Истанбул на 2 јуни, каде што Кремљ ѝ предаде на украинската страна документ со листа на услови за прекин на огнот.

Според Зеленски, украинската делегација имала мандат да преговара исклучиво за хуманитарни прашања – како што се прекин на огнот, размена на затвореници и враќање на децата земени од Русија – но не и за украинскиот суверенитет или територијален интегритет.

„Тоа е прашање на нашиот устав. Јас водам преговори за териториите – а истото важи и за (рускиот претседател Владимир) Путин, кој ги окупираше. Нема да го дискутирам мојот став за ова со никого друг“, рече Зеленски.

Рускиот документ наводно бара Украина да ја признае руската анексија на Крим и регионите Херсон, Донецк, Запорожје и Луганск.

Кремљ, исто така, бара целосно повлекување на украинските воени сили од тие региони, но Зеленски повторно отфрли какво било предавање на окупираните територии

„Многу пати кажавме дека ако добиеме соодветни безбедносни гаранции што би го спречиле Путин да ја продолжи војната, ќе имаме време да одлучуваме за територијалните прашања. Со дипломатски средства, а не со оружје“, рече Зеленски.

Други руски барања вклучуваат прогласување воена неутралност од страна на Украина, суспендирање на странска воена помош, признавање на рускиот јазик како службен јазик, давање амнестија на проруските соработници и забрана за присуство на странски трупи, што е спротивно на предлозите на Европската унија за меѓународни мировни сили.

Контрапонудата на Украина во Истанбул вклучувала размена на сите затвореници, враќање на украинските деца наводно земени од Русија, ослободување на сите заробени цивили и право на Украина да го продолжи својот пат кон членство во ЕУ и НАТО.

Киев, исто така, предложил користење на замрзнатите руски средства за обнова на земјата и кажа дека е подготвен да „разгледа“ делумно укинување на санкциите доколку има прекин на огнот.

Иако не беше постигнат прекин на огнот или политички пробив, страните се согласија за неколку важни хуманитарни чекори, вклучително и размена на воени заробеници и тела на загинати војници.

Додека Украина продолжува да бара безусловно примирје, Русија инсистира на своите барања и ги отфрла предлозите привремен прекин на огнот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ