Преговорите, како и минатиот викенд во Мускат, беа индиректни, со посредство на министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаиди, кој во посебни простории ги пренесе пораките меѓу делегациите.
Главни актери на преговорите беа американскиот специјален пратеник за Блискиот исток, Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи.
Пред почетокот на разговорите, Арагчи се сретна со италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, кој понуди италијанска поддршка за продолжување на преговорите. Во Рим беше и претседателот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси, бидејќи МААЕ ќе одигра клучна улога во евентуалната верификација на спроведувањето на новиот договор, соопшти Асошиејтед прес.
Иран нагласи дека нема да се согласи на запирање на својата програма за збогатување ураниум, инсистирајќи дека сака „урамнотежен договор, а не капитулација“, изјави Али Шамкани, советник на врховниот лидер Али Хамнеи.
Разговорите меѓу САД и Иран се дел од напорите за обновување на договорот од 2015 година, кој ја ограничуваше иранската нуклеарна програма во замена за укинување на економските санкции, но беше суспендиран откако американскиот претседател Доналд Трамп еднострано ги повлече САД од договорот во 2018 година.