Податоците за летот покажуваат дека сите авиони летале на запад долж северна Кина, преминале во Казахстан, потоа влегле во Узбекистан и Туркменистан – пред да исчезнат од радарот во близина на Иран, пишува британски Телеграф.
Дополнителен сомнеж предизвикува фактот дека наведената крајна дестинација било пристаниште во Луксембург во планот на летот, иако авионите, се чини, никогаш не влегле во европскиот воздушен простор.
Се појави загриженост за тоа што би можела Кина да испраќа во Иран додека војната со Израел продолжува.
Експертите за воздухопловство предупредуваат дека типот на авиони што се користат – товарни авиони Боинг 747 – обично се користи за транспорт на воена опрема и оружје и за договорени зделки со земјите.
„Ваквите товари не можат а да не предизвикаат интерес, токму поради очекувањето дека Кина би можела да му помогне на Иран“, вели Андреа Гисели, предавач на Универзитетот во Ексетер и експерт за односите на Кина со Блискиот Исток и Северна Африка.
Кина и Иран се стратегиски партнери
Кина и Иран се стратегиски партнери, поврзани пред сè со нивното спротивставување на западниот поредок предводен од Соединетите Американски Држави и застапувањето за нова, мултиполарна фаза во глобалната дипломатија.
Иран во исто време е еден од клучните снабдувачи со енергија на Кина – испорачува до два милиони барели нафта дневно – па затоа не е изненадување што Пекинг би можел да бара начини за стабилизирање на Исламската Република.
„Падот на сегашниот режим би бил сериозен удар и би предизвикал голема нестабилност на Блискиот Исток, што на крајот би ги загрозило енергетските и економските интереси на Кина“, вели Гисели.
„Освен тоа, веројатно има многумина во Иран кои очекуваат некаков вид помош од Кина.“
Кина никогаш претходно не се грижела премногу за меѓународната осуда – на пример, му испрати на Иран илјадници тони материјал за балистички ракети, кои би можеле да се користат за развој на нуклеарно оружје.
Пекинг е претпазлив, но можноста за испораки останува отворена
И покрај сè, експертите веруваат дека Кина во моментов се однесува многу претпазливо.
Отворено мешање во израелско-иранскиот конфликт би можело да ги загрози обидите на Кина да ги стабилизира односите со САД, најголемиот сојузник на Израел. Пекинг сè уште се мачи со трговска војна со висок ризик со Вашингтон.
„Присуството на кинеска воена опрема би го направило тоа невозможно, особено затоа што веќе има гласови во САД кои сакаат да влезат во војната за да ја потиснат Кина, меѓу другото“, вели Гисели.
Иако „веројатноста Кина отворено да испраќа одбранбени системи во Иран останува ниска“, оваа можност „не смее да се исклучи и мора внимателно да се следи“, смета Тувија Геринг, експерт за Кина и Блискиот Исток во израелскиот Институт за студии за национална безбедност.
Скриени рути и нејасни товари
Без независни инспекции, не е можно со сигурност да се знае што носеле авионите. На подоцнежни летови, некои авиони полетувале од близина на границата меѓу Иран и Туркменистан, а потоа повторно покажуваат рута до Луксембург на радарот, според јавно достапните податоци.
Компанијата Карголукс, со седиште во Луксембург, која управувала со летовите, тврди дека нејзините авиони не го користеле иранскиот воздушен простор, но не одговори на прашањата за содржината на товарот.
Товарните манифести не можат да бидат проверени од страна на јавноста, и иако опасните материи или специјалниот товар мора да се пријават на операторот и агентите, информациите може да бидат неточни или намерно да доведат до заблуда.
Кина и претходно се обидувала да прикрие оружје во пратки со комерцијална стока – на пример, делови за дронови биле означувани како делови за ветерни турбини, според пратките пресретнати од европските власти.
Истрага на Телеграф минатата година открила дека Кина се обидела да испрати дронови во вредност од милијарда долари во Либија, скриени преку мрежа од параван компании во Британија, Тунис и Египет – во замена за сурова нафта.