понеделник, 14 јули 2025

Вучиќ поради повикот на Москва да ѝ се воведат санкции не ја потпиша декларацијата на самитот во Украина

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави денес дека не ја потпишал декларацијата на самитот Украина – Југоисточна Европа бидејќи во неа се бара воведување санкции против Русија поради војната.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Истакнувајќи дека Србија останала воздржана, тој додаде дека никој „прекумерно не го притискал“ да ја потпише и дека не може да оди против себе, против својата земја и против политиката што ја води.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, покажал почитување на територијалниот интегритет на Србија бидејќи немало претставници од Приштина, изјави Вучиќ за српските медиуми во Одеса.

„Тоа е голем гест кон нашата земја и Србија ќе го цени тоа колку што може“, рече тој. Тој изјави дека Србија ќе донира училишни автобуси и храна за училиштата во Украина.

„Разговаравме со Украина за важни прашања, бидејќи мора да ги решиме прашањата за нашите трговски односи и договорите за слободна трговија преку Светската трговска организација. И го започнавме тоа во 2018 година, потоа запревме за време на коронавирусот, потоа продолживме, потоа запревме поради војната. А сега е време да почнеме да работиме на обезбедување подобар простор за нашите компании во Украина и обратно, едноставно за да придонесе за економски раст во двете пријателски земји“, изјави Вучиќ.

Тој имаше кратки билатерални средби со премиерите на Грција, Бугарија и Хрватска и претседателите на Црна Гора и Романија.

Денес, Вучиќ е на самитот Украина-Југоисточна Европа по четврти пат, а за прв пат ја посетува Украина од почетокот на инвазијата.

Порталот Межа објави дека Вучиќ понудил помош во реконструкцијата на украинските градови, а молдавската претседателка Маја Санду ја нагласи важноста на соработката со Украина во борбата против руската хибридна агресија и заштитата на граѓаните од пропаганда.

Претседателката на албанскиот парламент, Елиса Спиропали, ја изрази својата поддршка за напорите на Украина кон европска интеграција и ја нагласи важноста на „праведниот мир“, додека словенечката министерка за надворешни работи, Тања Фајон, ја нагласи потребата од целосен прекин на огнот и одговорност.

„За нас, главен приоритет е целосен и безусловен прекин на огнот. И ние ќе продолжиме да работиме заедно со сите наши партнери во Европа и низ целиот свет за да постигнеме мир заснован на Повелбата на ОН и прифатлив за Украина“, додаде Фајон.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис предложи создавање транспортен коридор што ќе го поврзува грчкото пристаниште Александрополис со Одеса преку Варна и Констанца, со евентуално финансирање од ЕУ.

Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ ја поддржа идејата за итен прекин на огнот како прв чекор кон траен мир.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека европската перспектива на Украина мора да биде опиплива, а не недостижна, и најави силна поддршка за Украина за отворање на првата група поглавја во преговорите за членство во ЕУ, објави Хина.

Самитот Украина-Југоисточна Европа стана важна платформа за зајакнување на соработката меѓу Украина и балканските земји, пишува Межа.

Последниот, трет самит се одржа во октомври 2024 година во Дубровник, каде што беше усвоена Дубровничка декларација.

Претходно, самити се одржуваа во Атина и Тирана.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ