четврток, 12 февруари 2026

Во Алтернатива за Германија врие – тешки обвинувања во рамките на партијата

Непотизам, тајни здруженија, слабо раководство на партијата… Списокот на меѓусебни обвинувања во рамките на Алтернатива за Германија е долг. И тоа во година кога се одржуваат важни покраински избори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кога во 2023 година поради своите кадровски одлуки беше нападнат Роберт Хабек, политичар од Зелените и тогашен министер за економија, Алтернатива за Германија (АфД) тоа го виде како можност да укаже на неправилности во етаблираните партии. Функционери на АфД зборуваа за непотизам и криминал и жестоко го напаѓаа Хабек и семејните врски на вработените во неговото министерство. Заменик-претседателот на АфД Штефан Бранднер тоа дури го нарече „мафијашка мрежа“.

Иако на крајот се покажа дека кадровската политика на Хабек навистина била спорна, таа всушност не ги прекршувала законите ниту прописите. А бидејќи непотизмот во партиите никогаш не поминува добро кај гласачите, тоа беше совршена мета за АфД, делумно крајнодесничарска партија, која настојува во јавноста да се претстави како глас на обичните луѓе против естаблишментот.

Кој е подобар од татко ми?

Сега, меѓутоа, и АфД е под лупа на јавноста, бидејќи и таму се вработуваат членови на семејства. Во покраината Саксонија-Анхалт, наводно многубројни пратеници од покраинскиот, но и од сојузниот парламент, сместувале роднини како вработени во канцелариите на свои партиски колеги. За тоа известуваат повеќе медиуми, меѓу нив и јавниот сервис ЦДФ. Според тие наводи, некои членови на семејствата примале и многу добри плати – секако од државниот буџет.

Во центарот на критиките се наоѓа Улрих Зигмунд. Тој е носител на листата на АфД за изборите во Саксонија-Анхалт во септември 2026 година. Партијата засега во анкетите е далеку пред останатите и Зигмунд сака да стане првиот премиер од АфД во таа германска покраина. Сега, меѓутоа, стана познато дека и таткото на Зигмунд наводно бил вработен во канцеларијата на еден пратеник во Бундестагот. И за тоа добивал речиси 100.000 евра годишно.

Улрих Зигмунд воопшто не ги негира обвинувањата. Вработувањето го оправдува со тоа дека е тешко да се најде „доверлив“ кадар. А очигледно тоа и не е незаконито – пратениците не смеат да вработуваат свои роднини, но ништо не забранува вработување роднини на колеги од партијата.

АфД-овци против АфД-овци

Политикологот Александер Хенцел од Универзитетот во Гетинген смета дека за АфД најголемиот проблем не е самото обвинување за непотизам – туку тоа што доаѓа од самата партија, и тоа од нејзиното најрадикално крило. „За разлика од други случаи, овој скандал не доаѓа однадвор, туку силно го поттикнуваат луѓе одвнатре. Тоа може да предизвика судири во партијата“, оценува Хенцел за Дојче веле.

Еден од најистакнатите внатрепартиски критичари е добро познатиот покраински лидер на АфД во Тирингија, Бјерн Хеке. Тој не штеди зборови против своите партиски колеги. На мрежата Икс порача: „Можеме да пропаднеме само поради нас самите. А таа можност сега станува реална.“

Хенцел смета дека станува збор за внатрепартиска борба: „Хеке и другите, претставувајќи го скандалот во АфД во Саксонија-Анхалт како последица од преголемо приспособување кон системот, всушност настојуваат да го зацврстат курсот на АфД како радикална двигателна партија.“

Разгранокот на АфД во Тирингија, предводен од Хеке, германските служби за безбедност го сметаат за „докажано крајнодесен“. Самиот Хеке важи за радикален идеолог што се залага за етнички хомогено општество и радикално се противи на имиграцијата. Постојано се соочува со обвинувања за идеолошка блискост со националсоцијализмот. Двапати веќе е осуден поради користење пароли на озлогласената СА (Штурмабтајлунг), паравоената формација на Хитлер.

Серија скандали

Обвинувањата и судирите сè повеќе ја натежнуваат АфД, особено бидејќи во последно време се редат афери во партијата во која никогаш не недостигале скандали.

  • Додека траат нападите поради непотизмот во Саксонија-Анхалт, една пратеничка на АфД во Европскиот парламент го обвинува својот покраински разгранок во Долна Саксонија за тајни здружувања и незаконско богатење.
  • Претседателката на Бундестагот Јулија Клекнер трајно им забрани влез во Бундестагот на седуммина вработени на АфД од „безбедносни причини“. Некои од нив се осудени поради поттикнување омраза, давање отпор на полицијата или прекршување на законот за оружје.
  • Партијата и раководството на АфД со месеци се расправаат околу односот кон австрискиот екстремист Мартин Зелнер. Многу членови на АфД го сметаат за премногу екстремен и близок до неонацизмот, но некои истакнати функционери сепак сакаат соработка. Само врвот на партијата официјално се оградува.
  • Еден пратеник на АфД во баварскиот парламент овој февруари е осуден на висока парична казна поради докажано перење пари и изнуда.
  • Во еден кривичен процес против организација обвинета за тероризам, меѓу обвинетите се наоѓа и поранешна пратеничка на АфД во Бундестагот.

Медиумите исто така известуваат за тензии во врвот на партијата околу надворешнополитичкиот курс на АфД. Потпретседателот Тино Крупала се смета за проруски ориентиран и остро настапува против воената помош за Украина. Другата потпретседателка, Алис Вајдел, бара блискост со владата на Доналд Трамп.

Слабо раководство на АфД?

И двајцата копретседатели сè почесто се соочуваат со обвинувања дека слабо ја водат партијата. Кога станува збор за актуелните обвинувања за непотизам, политикологот Хенцел смета дека маневарскиот простор на партискиот врв е многу ограничен. „Партијата не може да си дозволи огромен внатрешен судир во изборна година, во која влогот е многу висок.“ Затоа и Тино Крупала само изјави дека „не звучи добро“ вработувањето роднини во покраината Саксонија-Анхалт.

Хенцел проценува дека тој скандал може да биде многу опасен за АфД. Најголемата опасност е да се промени перцепцијата на АфД кај гласачите – да се распрсне илузијата дека партијата е вистинска алтернатива на постојните политички блокови.

Популизмот со кој Алтернатива за Германија ги напаѓа другите, сега се врти против самата неа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ