Тој ги обвини двајцата демократи дека не ги заштитиле членовите на Агенцијата за имиграција и царина (ИЦЕ).
„Градоначалникот на Чикаго треба да биде во затвор затоа што не ги заштити агентите на ИЦЕ! Исто и гувернерот Прицкер!“, напиша Трамп на својата мрежа Трут соушл.
Околу 200 членови на Националната гарда пристигнаа во близина на Чикаго, изјави во вторникот неименуван функционер на Министерството за одбрана на САД, откако американскиот претседател го опиша градот како „воена зона“.
Трамп го одобри распоредувањето на 700 припадници на Националната гарда овој викенд, но демократската опозиција ја оспори законитоста на наредбата на суд, обвинувајќи го милијардерот дека „ги казнува своите политички непријатели“.
Опозицијата тврди дека администрацијата на Трамп ги користи протестите пред објектите на ИЦЕ во предградие на Чикаго како изговор за испраќање војници.
Федералниот судија што го надгледува случајот закажа рочиште за утре.
Претходниот викенд, судија привремено блокираше слично распоредување во Портланд, уште еден град под контрола на демократите.
Судијата рече дека „немало немири во Портланд, ниту закана за националната безбедност“, спротивно на тврдењата на администрацијата на Трамп.
Трамп веќе распореди членови на Националната гарда во некои градови под контрола на демократите – Лос Анџелес, Вашингтон и Мемфис, секој пат спротивно на препораките на локалните власти.






