недела, 14 декември 2025

Трамп гради „Златна купола“, ракетен систем каков што светот никогаш не видел

Пентагон им презентираше планови на американските одбранбени компании за нов ракетен одбранбен систем „Златна купола“, кој би имал четири слоја на заштита – еден вселенски и три копнени – со 11 батерии со краток дострел распоредени низ континенталниот дел на САД, Алјаска и Хаваи. Ројтерс објави дека се работи за проект без преседан по сложеноста, со амбициозен рок на завршување до 2028 година, поставен од американскиот претседател Доналд Трамп.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во презентацијата, насловена како „Движи се брзо, размислувај на големо!“, се вели дека системот ќе чини околу 175 милијарди долари, но сè уште не е наведено колку лансери, пресретнувачи, копнени станици и ракетни локации ќе има. Досега, Конгресот одобри 25 милијарди долари, со дополнителни 45,3 милијарди долари планирани во буџетското барање за 2026 година.

„Златната купола“ е инспирирана од израелскиот одбранбен систем „Железна купола“, но ќе биде значително поголема поради површината што треба да ја покрие и заканите што треба да ги неутрализира. Системот би имал вселенски слој за откривање и следење на ракети, и три копнени слоеви со пресретнувачи, радарски системи и потенцијално ласери.

Едно од изненадувањата од презентацијата беше планираниот голем ракетен полигон во Средниот Запад, наменет за пресретнувачот од следната генерација (НГИ) на Локид Мартин. Овие пресретнувачи би го формирале „горниот слој“ на одбраната, заедно со системите за одбрана ТХААД (Terminal High Altitude Area Defense) и Аегис, исто така од Локид.

НГИ е модернизирана ракета за постојната мрежа за одбрана ГМД (Ground-Based Midcourse Defense), која во моментов е главниот американски штит против интерконтинентални балистички ракети. Покрај постојните места за лансирање на ГМД во Калифорнија и Алјаска, постојат планови за отворање на трето во Средниот Запад.

Според Ројтерс, техничките пречки вклучуваат доцнења во комуникацијата во рамките на таканаречениот „синџир на убивање“ – синџирот од откривање до уништување на целта.

Компаниите Локид Мартин, Нортроп Груман, РТХ и Боинг се вклучени во проектот, додека Спејсекс на Илон Маск не се спомнува во презентацијата, иако учествуваше во натпреварот со компаниите Палантир и Андурил. Пентагон соопшти дека собира информации од индустријата, академската заедница и државните лаборатории, но смета дека е „несоодветно“ да открие повеќе детали во оваа рана фаза.

Една од клучните цели на „Златната купола“ е да соборува ракети во таканаречената фаза на забрзување, додека сè уште полека и предвидливо се искачува низ атмосферата. Планот е да се развијат вселенски пресретнувачи кои би можеле побрзо да реагираат на заканите. Во презентацијата се наведува дека САД никогаш не произвеле вселенско летало кое може да ја издржи топлината на повторното влегување во атмосферата и притоа да таргетира непријателска ракета.

Последните слоеви на одбраната (“under layer” i “Limited Area Defense”) ќе вклучуваат нови радари, постоечкиот систем Патриот и нов универзален лансер за сегашни и идни пресретнувачи, со можност за брзо преместување на различни бојни полиња без да се потпираат на постојани бази.

На чело на „Златната купола“ е генералот на американската Вселенска команда, Мајкл Гетлајн, кој има 30 дена од неговото назначување на должност на 17 јули за да состави тим, уште 60 дена за да презентира почетен дизајн на системот и 120 дена за целосен план за имплементација, вклучувајќи сателити и копнени станици.

Според Ројтерс, проектот, доколку биде успешен, ќе создаде повеќеслоен одбранбен штит без преседан во американската историја – еден вид „Железна купола“ на стероиди, прилагоден на големината и заканите со кои се соочуваат Соединетите Американски Држави.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ