Поминаа повеќе од шест недели откако пропадна потпишувањето на договорот во Белата куќа, што предизвика скандал и дипломатски непријатности, особено за украинскиот претседател Володимир Зеленски. И покрај сè, двете страни велат дека сè уште постои интерес за договор. Сепак, се чини дека ставовите се сè подалечни.
Според информациите кои доаѓаат од Украина, на кои се потпираат и американските медиуми, во Киев расте незадоволството поради новите американски барања. Договорот повеќе не е ограничен на рамковна соработка, туку вклучува многу конкретни мерки кои би овозможиле не само право на експлоатација на минерални суровини туку и контрола врз нивното користење.
Агенцијата Ројтерс јавува дека САД сега сакаат да го контролираат и гасоводот преку кој до крајот на минатата година течеше гас од Русија во Европа. Според американскиот предлог, овој гасовод треба да биде ставен под управа на американската владина агенција Меѓународната финансиска корпорација за развој (ИДФК).
Украинскиот пратеник Јарослав Железњак од опозициската партија Холос вели дека е запознаен со барањата на САД и го изрази своето незадоволство на канал на мрежата Телеграм. Според него, ИДФК ќе има целосна надлежност над сите минерални суровини на Украина, а тројца Американци би седеле во петчлениот одбор на директори.
Дополнително, напиша Железњак, за нив е исто така неповолно што сите парични износи треба да бидат деноминирани во американски долари, а средствата да се складираат надвор од Украина.
Според Њујорк Тајмс, сите приходи од експлоатација на минерални суровини најпрво ќе одат во САД за да се покрие износот што Украина го доби преку американската воена помош. Дури потоа Киев би можел да остварува приходи, но и тоа не е доволно за администрацијата на Трамп. Доколку ги нема очекуваните приходи, Украина ќе мора да ја покрие разликата од други извори.
И други извори во Украина, не само Железњак предупредуваат дека таквите барања се целосно неприфатливи за Киев. Влијателниот портал Европејска правда пишува дека Трамп во својот последен предлог „ги надминал речиси сите граници кои биле претходно договорени“. Има сè повеќе коментари дека Вашингтон всушност сака да ја претвори Украина во своја економска колонија.
Официјално, украинската влада не ги коментираше деталите од американскиот предлог. Но, претседателот Зеленски навести дека Киев не може да прифати такви услови. Тој особено посочи дека американската воена помош во претходните години не доаѓала со никакви услови, а сега Вашингтон бара нејзина ретроактивна исплата.
Зеленски исто така предупреди дека договорот во неговата предложена форма може да биде некомпатибилен со правилата на Европската унија, во која Украина сака да се приклучи. Особено спорно е барањето на САД да имаат право на вето врз сите идни инвестиции во украинската рударска индустрија.
Според украинската државна агенција Укринформ, која се повикува на неофицијален разговор со Зеленски, украинскиот претседател смета дека американскиот министер за финансии Скот Бесент е најодговорен за заострување на условите. За време на неговата посета на Киев, тој остави впечаток дека сака само да диктира услови кои му одговараат на Вашингтон.
„Го бранам она што ѝ припаѓа на Украина“, изјави Зеленски за агенцијата Укринформ, додавајќи дека секој договор мора да биде поволен за двете страни. Тој исто така рече дека „веќе воопшто не се разговара“ за евентуална американска безбедносна гаранција за Украина.
Сепак, украинската вицепремиерка и министерка за правда Олга Стефанишина изјави дека Украина не се откажала од постигнување договор со САД. Таа потврди дека Киев испратил свој предлог до Вашингтон минатата недела. Таа не сакаше да зборува за детали, но рече дека е добар знак што повторно се разговара за тоа. Таа додаде дека очекува долги преговори додека не најдат согласност.
Но, според извори на агенцијата Ројтерс, расположението на преговорите досега било „исклучително антагонистичко“.






