недела, 14 декември 2025

Талибанците ги забранија книгите напишани од жени на авганистанските универзитети

Талибанската влада ги отстрани сите книги напишани од жени од авганистанскиот универзитетски систем, како дел од новиот декрет со кој исто така се забрануваат предавања за човекови права и сексуално вознемирување, објави Би-би-си.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Околу 140 книги чии авторки се жени – вклучувајќи и наслови како „Безбедност во хемиска лабораторија“ – беа меѓу 680 книги кои се оценети за „проблематични“ поради „антишеријатската и талибанската политика“. На универзитетите им е наредено и да престанат да предаваат 18 предмети за кои талибански функционер рече дека се „во конфликт со принципите на шеријатот и политиките на системот“.

Декретот е најновиот во низата ограничувања наметнати од талибанците откако се вратија на власт пред четири години. Само оваа недела, оптичкиот интернет беше забранет во најмалку 10 провинции по наредба на врховниот лидер на талибанците, во потег за кој официјалните лица рекоа дека имал за цел да го спречи неморалот.

Иако правилата влијаат на многу аспекти од животот, жените и девојките се особено силно погодени. Забрането им е образование по шесто одделение, а еден од нивните последни патишта за понатамошно образование беше прекинат кон крајот на 2024 година, кога курсевите за акушерство беа тивко укинати.

Дури и универзитетските предмети за жени сега се на мета – шест од 18-те забранети се конкретно за жени, вклучувајќи ги Род и развој, Улогата на жените во комуникацијата и Социологија на жените. Талибанската влада тврди дека ги почитува правата на жените во согласност со нејзиното толкување на авганистанската култура и исламскиот закон.

Член на одборот за рецензија на книги ја потврди забраната за книги напишани од жени, изјавувајќи за Би-би-си Авган дека „сите книги напишани од жени не се дозволени за предавање“.

Закија Адели, поранешна заменик-министерка за правда пред враќањето на талибанците и една од авторките чии книги се најдоа на пописот на забранети, не е изненадена од овој потег. „Со оглед на тоа што талибанците направија во изминатите четири години, не беше нереално да се очекува од нив да наметнат промени во наставната програма“, рече таа. „Со оглед на мизогинистичкиот менталитет и политиките на талибанците, природно е кога на самите жени не им е дозволено да учат, нивните ставови, идеи и дела да бидат исто така потиснати.“

Новите упатства, во кои увид имаше Би-би-си Авган, беа објавени кон крајот на август. Зијаур Рахман Арјуби, заменик-академски директор во Министерството за високо образование на талибанската влада, во писмо до универзитетите изјави дека одлуките ги донел панел од „религиозни научници и експерти“.

Покрај книгите напишани од жени, забраната, се чини, ги таргетира и книгите од ирански автори или издавачи. Еден член на панелот за ревизија изјави за Би-би-си дека целта е да се „спречи инфилтрација на иранска содржина“ во авганистанската наставна програма. Листата од 50 страници испратена до сите универзитети во Авганистан вклучува 679 наслови, од кои 310 се напишани од ирански автори или објавени во Иран.

Професор во една институција, зборувајќи под услов да остане анонимен, изрази страв дека ќе биде речиси невозможно да се пополни празнината. „Книгите од ирански автори и преведувачи служат како примарна врска помеѓу авганистанските универзитети и глобалната академска заедница. Нивното отстранување создава значителен јаз во високото образование“, рече тој.

Професор на Универзитетот во Кабул за Би-би-си изјави дека под такви околности тие се принудени сами да подготвуваат поглавја за учебниците, земајќи ги предвид дозволите и забраните наметнати од талибанската влада, но клучното прашање е дали овие поглавја можат да бидат подготвени според глобалните стандарди. Би-би-си контактираше со Министерството за образование на талибанците за коментар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ