вторник, 9 декември 2025

Марко Рубио: Сега подобро ги разбираме руските услови за завршување на војната во Украина

САД подобро ги разбираат условите под кои Русија би била спремна да ја заврши војната во Украина откако претставникот на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, изјави вчера американскиот државен секретар Марко Рубио.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Можеби за прв пат откако започна оваа администрација со работа, имаме некои конкретни примери за работите што Русија би ги барала за да ја заврши војната“, рече Рубио во интервју за Кудлоу на Фокс бизнис нетворк, додавајќи дека клучните елементи на секој договор би вклучувале територија.

Рубио рече дека „сè уште има многу работа“ пред евентуалната средба меѓу Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин за завршување на војната во Украина.

„Денес беше добар ден, но сè уште има многу работа пред нас. Има многу пречки што треба да се надминат и се надеваме дека ќе го постигнеме тоа во наредните денови и часови, можеби и недели“, рече тој.

Претходно, американскиот претседател изјави дека е „отворен“ за таков состанок со Владимир Путин, како и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, според Белата куќа.

По посетата на Москва на неговиот специјален пратеник Стив Виткоф, за која се вели дека била „продуктивна“, американскиот претседател им кажа на неколку европски лидери дека има намера лично да се сретне со својот руски колега, евентуално уште следната недела, а потоа да одржи состанок со украинскиот претседател, објавија Њујорк тајмс и Си-ен-ен.

Американскиот пратеник се сретна со Путин во Москва два дена пред истекот на американскиот ултиматум до Русија, со кој се бара крај на конфликтот во Украина. „Претседателот сака да ја заврши војната“, повтори Рубио.

„Ќе разговараме со нашите европски сојузници и Украинците во следните неколку дена за да видиме каков напредок можеме да постигнеме на тој план“, објасни тој. „И потоа, се надевам, работите ќе продолжат да напредуваат и многу наскоро ќе има можност претседателот да се сретне и со Владимир Путин и со претседателот Зеленски во одреден момент, се надевам во блиска иднина“.

„Но, очигледно многу работи мора да се случат пред тоа“, рече американскиот државен секретар. Што се однесува до евентуалниот нов пакет американски санкции против Русија, тој рече дека Трамп ќе донесе одлука за тоа во следните еден или два дена.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ