Поглаварот на Српската православна црква (СПЦ) е во посета на Москва на покана на својот руски колега, патријархот Кирил, а вчера беше примен од претседателот Путин.
Белградските медиуми денеска објавија транскрипт од разговорот на Путин со високите делегации од двете цркви, во кој се истакнува меѓуцрковната соработка заснована на взаемна доверба и поддршка, историското пријателство меѓу двата народа и блиските политички односи меѓу Белград и Москва.
Пофалувајќи ги односите меѓу РПЦ и СПЦ, Путин рече дека двете цркви даваат „значаен придонес во зајакнувањето на односите“ на двата народа, „кои традиционално ги одржуваат најтоплите, најблиските и најсигурните сојузнички односи“.
„Знаеме дека ситуацијата на Балканот не е едноставна и свесни сме за вашите напори за зајакнување на позицијата на Србија, вклучувајќи го и значењето на Сесрпското собрание што го одржавте“, рече Путин, алудирајќи на собирот на почетокот на јуни 2024 година. „Еден народ, едно собрание – Србија и (Република) Српска“.
Поглаварот на СПЦ одговори потсетувајќи на блиските врски меѓу Српската и Руската православна црква, но и на политичките врски меѓу двете земји.
„Српскиот народ гледа на рускиот народ како на свој. Понекогаш може да изгледа дека надежта што ја полагаат Србите е поголема во Русија, во руската политика, отколку во сопствената. Можеби ова е парадокс“, рече Порфириј.
Заблагодарувајќи им се на Русија и Путин за нивната поддршка и став „во однос на Косово и Република Српска, и секако Црна Гора“, Порфириј рече: „Добро знаете дека без вашата поддршка и поддршката на Кина, не знам што ќе беше со Косово“, замолувајќи го Путин Русија да остане на таа позиција и да направи „сè што е можно“.
Тој, исто така, му рече на Путин дека СПЦ има „многу добри односи со претседателот“ Александар Вучиќ.
„Тој исто така ви испраќа поздрав и ми кажа дека ќе биде тука на 9 мај, без оглед на околностите во Европа и на други места“, рече Порфириј, најавувајќи го доаѓањето на Вучиќ на парадата што традиционално се одржува во Москва на 9 мај, Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна.
Поглаварот на СПЦ ја истакна својата желба „и желбата на мнозинството“ во СПЦ, „во иднина, доколку дојде до ново геополитичко прегрупирање, да бидеме блиску до таа руска средина во православниот свет“.
„Деновиве има револуција кај нас. Како се вика?“ рече Порфириј, а владиката бачки Иринеј додаде: „Шарена“.
„Шарена револуција – вие го знаете тоа. Се надевам дека ќе го надминеме тоа искушение, како што кажавте. Затоа што знаеме и чувствуваме дека центрите на моќ од Запад не сакаат да се развива идентитетот на српскиот народ и неговата култура“, оцени Порфириј.
Спомнувањето на „шарената револуција“ од страна на Порфириј пред рускиот шеф на државата во Кремљ, во контекст на неколкумесечните масовни граѓански протести предводени од студентското движење по смртта на 16 лица при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, во средата предизвика бројни критики во Србија.
Од опозицискиот корпус доаѓаат забелешки дека Порфириј „се ставил во служба на владејачката Српска напредна партија“ и дека се однесувал како „курир на Вучиќ“, со порака до поглаварот на СПЦ: „Вашата надлежност се душите, а не политиката“.