сабота, 31 мај 2025

Русите го направија првиот чекор кон отстранување на талибанците од листата на терористички групи

Рускиот Врховен суд денеска ја суспендираше забраната за талибанското движење, со што го направи првиот чекор кон бришење на талибанците од руската листа на терористички организации. Оваа одлука е донесена на барање на главниот државен обвинител, а на судската седница присуствувал и претставник на талибанците, пренесува Ал Арабија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Талибанците се на руската листа на терористички организации од 2003 година, со што повеќе од две децении се спречуваше каква било официјална соработка и каков било контакт со нив беше казнив според руските закони. Меѓутоа, промената на законот на крајот на минатата година им овозможи на руските судови, на предлог на државниот обвинител, привремено да ги укинат ваквите забрани доколку се оцени дека организацијата повеќе не врши терористички активности.

Одлуката на Врховниот суд доаѓа откако Русија ги интензивира контактите со талибанските власти во Авганистан, кои се на власт од август 2021 година, по повлекувањето на силите на САД и НАТО.

Иако ниту една земја официјално не ја признава талибанската влада, Москва се обиде да изгради дипломатски и безбедносни врски со Кабул во последниве години, особено поради заканите од други исламистички групи, како што е авганистанскиот огранок на Исламската држава (ИСИС-К), кој ја презеде одговорноста за смртоносниот терористички напад во Москва во март 2024 година.

Руските власти нагласуваат дека соработката со талибанците е неопходна за стабилизација на Авганистан и безбедноста на регионот, а сличен потег веќе направија и некои централноазиски земји како Казахстан и Киргистан, кои ги отстранија талибанците од своите списоци на терористички организации.

Сепак, оваа одлука не значи автоматско признавање на талибанската влада.

Талибанците остануваат под меѓународни санкции на ОН, а нивното владеење во Авганистан останува изолирано поради сериозните прекршувања на човековите права, особено врз жените и девојчињата, на кои им е забрането образование и работа во повеќето јавни сектори. Обединетите нации продолжуваат да ги повикуваат талибанците да ги укинат тие ограничувања, додека дел од талибанското раководство се залагаат за отворање кон светот и олабавување на најстрогите политики за да привлечат меѓународна помош.

Одлуката на рускиот суд се смета за дипломатска победа на талибанците, кои можат да ја искористат како аргумент за зајакнување на својот меѓународен легитимитет. За Русија, овој потег отвора простор за правна соработка со авганистанските власти, особено во безбедносниот и економскиот сегмент, но и за зајакнување на влијанието во регионот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ