сабота, 14 февруари 2026

Рубио во Минхен: „САД и Европа си припаѓаат едни на други“

Државниот секретар на САД Марко Рубио на Минхенската безбедносна конференција изјави дека САД и Европа се неразделно поврзани, велејќи дека си „припаѓаат едни на други“. Во исто време, тој повика на реформа на меѓународните институции и остро ги критикуваше слободната трговија, климатските политики и масовната миграција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Рубио зборуваше во време на растечка загриженост кај европските лидери, кои стравуваат дека САД под администрацијата на Доналд Трамп постепено се повлекуваат од Европа, по период обележан со трансатлантски тензии, пишува Би-би-си.

На почетокот од својот говор, тој се осврна на периодот по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, велејќи дека идејата за свет без граници е „опасна заблуда“ и „глупава идеја“ што ја игнорира човечката природа и историја. „Тоа скапо нè чинеше“, додаде тој.

И покрај критиките, тој ги нагласи длабоките историски врски меѓу Соединетите Американски Држави и Европа. „САД и Европа си припаѓаат едни на други. Судбината на Европа никогаш нема да биде неважна за нашата“, рече тој, предизвикувајќи го првиот аплауз од публиката.

Потоа тој ги критикуваше западните политики, тврдејќи дека додека другите земји инвестираа во своите економии, Западот постепено го предаваше својот суверенитет на надворешни извори.

Тој особено ги нападна климатските акции, кои ги опиша како политики што „го смируваат климатскиот култ“ и „го осиромашуваат народот“, додека конкурентите инвестираа во извори на енергија како нафта.

Рубио исто така се осврна на масовната миграција, тврдејќи дека Западот се отворил за невиден бран што, како што рече, претставува закана за иднината.

„Ги направивме овие грешки заедно“, рече тој, додавајќи дека Соединетите Држави и Европа сега им должат на своите граѓани нов правец и обнова.

„Под Трамп, Соединетите Држави планираат да ја преземат задачата за обнова. Ние сме подготвени, доколку е потребно, да го сториме тоа сами, но претпочитаме да го сториме тоа заедно со вас“, им рече тој на европските лидери. Заклучи дека САД и Европа формираат една западна цивилизација, поврзана со економски и културни врски.

„Европа мора да преживее“, рече тој на крајот од својот говор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ