Ова го потврдија двајца американски функционери запознаени со планирањето, а нивните откритија дополнително ги комплицираат дипломатските напори што се водат меѓу Вашингтон и Техеран, пишува Ројтерс.
Американки и ирански дипломати минатата недела одржаа разговори во Оман во обид да ја оживеат дипломатијата околу нуклеарната програма на Иран. Во исто време, Трамп испрати дополнителни воени сили во регионот, што ги зголеми стравувањата од нова воена ескалација.
Американските функционери потврдија во петокот дека Пентагон испраќа уште еден носач на авиони на Блискиот Исток со илјадници војници, борбени авиони, разорувачи со наведувани ракети и друга воена опрема.
Обраќајќи се пред американските трупи во база во Северна Каролина во петокот, Трамп рече дека „се покажало дека е тешко да се постигне договор“ со Иран.
„Понекогаш е потребен страв. Тоа е единственото нешто што навистина ќе ја реши ситуацијата“, рече Трамп.
Запрашана за подготовките за евентуална долготрајна воена операција, портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, рече: „Претседателот Трамп ги има сите опции отворени за Иран“. „Тој слуша различни мислења за секое прашање, но ја носи конечната одлука врз основа на тоа што е најдобро за нашата земја и националната безбедност“, додаде таа. Пентагон одби да коментира.
Минатата година, САД испратија два носачи на авиони во регионот кога ги нападнаа нуклеарните објекти на Иран. Сепак, операцијата „Полноќен чекан“ во јуни беше еднократен напад во кој невидливи бомбардери полетаа од САД за да таргетираат ирански цели. Иран потоа возврати со многу ограничен удар врз американска база во Катар.
Службениците велат дека планирањето што се одвива сега е многу посложено. Во долгорочна кампања, објасни еден од нив, американската војска би можела да ги таргетира иранските државни и безбедносни објекти, а не само нуклеарната инфраструктура, одбивајќи да даде конкретни детали.
Експертите предупредуваат дека ризиците за американските сили во таква операција би биле далеку поголеми, со оглед на тоа што Иран поседува импресивен арсенал од ракети. Иранските контранапади, исто така, го зголемуваат ризикот од поширок регионален конфликт.
Истиот функционер рече дека САД во целост очекуваат иранска одмазда, што би можело да доведе до циклус на меѓусебни напади и контранапади. Белата куќа и Пентагон не одговорија на прашањата за ризиците од одмазда или регионален конфликт.
Трамп постојано се закануваше дека ќе го бомбардира Иран поради неговите нуклеарни и балистички програми како и задушувањето на протестите во земјата. Во четврток, тој предупреди дека алтернативата на дипломатското решение би била „многу трауматична“.
Револуционерната гарда на Иран предупреди дека во случај на напад врз иранска територија, би можела да возврати со напади врз која било американска воена база. САД имаат бази низ целиот Блиски Исток, вклучително и во Јордан, Кувајт, Саудиска Арабија, Катар, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Турција.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се сретна со Трамп во Вашингтон во среда, велејќи дека секој договор со Иран „мора да вклучува елементи што се од витално значење за Израел“. Иран изјави дека е подготвен да разговара за ограничувањата на својата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите, но ја исклучи можноста за поврзување на прашањето со неговата ракетна програма.






