Орбан се соочува со најголемиот предизвик за неговото владеење откако неговата партија Фидес оствари убедлива победа на изборите во 2010 година, иако исходот од гласањето останува неизвесен.
Централно-десничарската партија Тиса е предводена од поранешниот владин инсајдер Петер Маѓар, кој изјави дека неговата партија ќе се бори против корупцијата, ќе ослободи милијарди евра од замрзнатите фондови на Европската Унија за да ја зајакне економијата и цврсто ќе ја закотви Унгарија во ЕУ и НАТО.
Најновото истражување, кое Институтот Идеа го спроведе помеѓу 31 јануари и 6 февруари, покажа дека 48 проценти од определените гласачи ја поддржуваат Тиса, додека 38 проценти гласаат за Фидес на Виктор Орбан – што е непроменето во споредба со претходниот месец, пренесува Ројтерс.
Институтот Идеа на својата официјална Фејсбук страница изјави дека бројот на неопределени гласачи се намалил на 24 проценти, што е помалку за три процентни поени од изминатиот месец.
„Во изминатиот месец, многу гласачи пронајдоа партија што ќе ја поддржат, помалите партии исто така имаа корист“, се вели во соопштението.
Според резултатите од анкетата, уште две партии би го поминале прагот и би влегле во парламентот: крајно десничарската „Наша татковина“ и левичарската Демократска коалиција, кои имаат по 5 проценти поддршка.
Изборите во април ќе имаат значајни последици за Европа и крајната десница на континентот. Орбан, сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, честопати се судираше со Европската Унија по разни прашања, додека одржуваше добри односи со Русија и ја критикуваше Украина.
Европската Унија го обвинува Орбан за поткопување на демократските вредности во Унгарија, што тој го отфрла.
Повеќето анкети на јавното мислење покажуваат дека Фидес заостанува зад Тиса, и покрај мерките насочени кон придобивање на гласачите по тригодишна економска стагнација во Унгарија, која исто така претрпе најголем бран на инфлација во ЕУ од руската инвазија на Украина.
Сепак, анкетите блиски до владата прикажуваат поинаква слика. Така, анкетата спроведена во февруари од Институтот Незопонт, исто така објавена во петок, покажа дека 46 проценти од гласачите ја поддржуваат Фидес, додека 40 проценти гласаат за Тиса.






