Во извештајот, објавен од генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, а подготвен од Канцеларијата на ОН за борба против тероризмот, се вели дека претседателот ал-Шара бил цел на напади во северната провинција Алепо и јужна Дара. Зад обидите стои група наречена Сараја Ансар ал-Суна, за која се верува дека е параван на Исламска држава.
Во документот не се наведени датуми или детали за обидите за атентат врз Ал-Шара, министерот за внатрешни работи Анас Хасан Хатаб и министерот за надворешни работи Асад ал-Шибани.
Обидите за атентат дополнително потврдуваат дека милитантната група продолжува да се стреми да ја поткопа новата сириска власт и „активно ги искористува безбедносните вакууми и неизвесноста“ во земјата, се вели во извештајот. Во него се вели дека ал-Шара е „оценет како примарна цел“ за Исламска држава. Користењето на параван-група, се додава, ѝ овозможува на ИД да обезбеди веродостојно негирање на одговорност и обезбедува „подобрени оперативни способности“.
Ал-Шара е на власт во Сирија откако неговите бунтовнички сили го соборија долгогодишниот претседател Башар ал-Асад во декември 2024 година, со што заврши 14-годишната граѓанска војна. Претходно тој беше лидер на Хајат Тахрир ал-Шам, милитантна група која некогаш беше поврзана со Ал Каеда, но подоцна ги прекина врските со неа. Во ноември, неговата влада се приклучи на меѓународната коалиција формирана за борба против Исламска држава, која некогаш контролираше голем дел од Сирија.
Експертите на ОН во борбата против тероризмот наведуваат дека милитантната група продолжува да дејствува низ целата земја, а нејзини цели се првенствено безбедносните сили, особено на север и североисток. Во еден таков напад од заседа на 13 декември во близина на Палмира, насочен кон американските и сириските сили, беа убиени двајца американски војници и еден американски цивил, а тројца Американци и тројца припадници на сириските безбедносни сили беа ранети.
Претседателот на САД Доналд Трамп одговори со започнување воени операции насочени кон елиминирање на борците на ИД. Според проценките на експертите на ОН, Исламската држава има околу 3.000 борци распоредени во Ирак и Сирија, од кои повеќето се стационирани во Сирија.






