сабота, 14 февруари 2026

Кинескиот министер за надворешни работи до САД: „Одвојувањето од Кина води кон конфликт“

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на Минхенската безбедносна конференција предупреди за штетноста од „рефлексната реакција“ на Соединетите Американски Држави да се дистанцираат од Кина, велејќи дека и покрај некои неодамнешни позитивни знаци од Белата куќа, одредени американски струи го поткопуваат односот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Апелирајќи до Вашингтон да усвои „позитивна и прагматична“ политика, тој рече дека најдобриот исход за двете страни би бил соработката. Ванг Ји во својот говор рече дека некои во Соединетите Американски Држави „прават сè за да ја нападнат и клеветат Кина“ и дека постојат две можни перспективи за билатералните односи.

„Соединетите Американски Држави би можеле разумно и објективно да ја разберат Кина и да имаат позитивна и прагматична политика кон Кина“, рече тој.

„Другата перспектива е стремежот за одвојување од Кина и прекинување на синџирите на снабдување и спротивставување на Кина во сè на начин што е едноставно емотивен и рефлексивен“, рече тој. Тој предупреди дека некои „се обидуваат да го одвојат Тајван од Кина и газат по црвените линии на Кина, што многу веројатно би ги турнало Кина и САД во конфликт“.

„Кина сака оваа прва перспектива да се оствари и верувам дека го делите тој став, но Кина е добро подготвена да се справи со сите видови ризици“, рече тој.

Ванг Ји вчера се сретна со американскиот државен секретар Марко Рубио на состанок што американскиот функционер го опиша како „позитивен и конструктивен“ и разговараше за планираната посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Пекинг во април.

По една година препирки околу трговските и царинските политики, САД и Кина се стремат кон смирување на односите, а Ванг Ји рече дека Пекинг е охрабрен од неодамнешните изјави на Белата куќа што покажуваат „почит кон претседателот Си Џинпинг и кинескиот народ“.

САД и европските земји се сè повеќе загрижени за сè поголемата зависност од Кина за суровини и клучни делови од производствените синџири на снабдување па се силни повиците за намалување на таквата зависност.

Кинескиот министер за надворешни работи исто така оцени дека Европа не треба да биде „набљудувач“ во разговорите за решавање на конфликтот во Украина, бидејќи новата рунда преговори е закажана за следната недела.

„Европа не може да остане само набљудувач“, рече тој на Минхенската безбедносна конференција. Минатата година, „кога САД и Русија го продолжија дијалогот, Европа се чинеше дека е изоставена“, додаде тој.

„Војната се одвива на европско тло и Европа сигурно има право да учествува во процесот на преговори кога ќе дојде време. Европа не треба да биде на менито, но треба да има место на масата“, рече тој.

Следната рунда преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон во обид да се најде дипломатско решение за војната во Украина ќе се одржи во вторник и среда во Женева, објави Кремљ.

Ванг Ји повика на „сеопфатен, траен мировен договор што е прифатлив и обврзувачки за сите страни“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ