Федералната тужба, која ја прави Калифорнија првата држава која правно ги оспорува новите тарифни мерки на администрацијата на Трамп, доаѓа во време кога тарифите предизвикаа историска нестабилност на пазарите и ги нарушија односите на САД со долгогодишните сојузници и трговски партнери.
„Доналд Трамп нема овластување еднострано да го наметнува најголемото даночно оптоварување во нашата историја преку деструктивни тарифи“, рече гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом на платформата Икс. „Ќе го тужиме“.
Donald Trump does not have the authority to unilaterally impose the largest tax hike of our lifetime with his destructive tariffs.
We’re taking him to court. pic.twitter.com/LAm1NRx300
— Gavin Newsom (@GavinNewsom) April 16, 2025
Во тужбата ќе се тврди дека Трамп незаконски и без преседан го активирал Законот за меѓународни економски итни овластувања (ИЕЕПА) за да го наметне својот таканаречен реципрочен тарифен план, изјавија од канцеларијата на гувернерот Њусом за Ен-би-си њуз.
Според соопштението, царините на Трамп предизвикуваат „непосредна и непоправлива штета на Калифорнија, која е најголемата држава во однос на економијата, индустриското производство и земјоделството во САД“.
Тужбата ќе биде поднесена пред федералниот окружен суд во Северна Калифорнија, со цел да се прогласат за ништовни царините на Трамп.
Гувернерот Њусом и јавниот обвинител на Калифорнија Роб Бонта најавија дека ќе одржат прес-конференција во 13:30 часот по локално време да го објават поднесувањето на тужбата.
„Хаотичното и стихијно спроведување на тарифите од страна на претседателот не само што е вознемирувачко, туку е и нелегално“, рече Бонта во изјава за Ен-би-си њуз.
„Како петта по големина економија во светот, Калифорнија разбира дека глобалната трговска политика не е игра“, додаде Бонта.
„Жителите на Калифорнија се подготвуваат за последиците од постапките на претседателот, од земјоделците во Централната долина, до сопствениците на мали бизниси во Сакраменто и загрижените калифорниски семејства“, заклучи тој.