недела, 14 декември 2025

Израел го засили бомбардирањето, министерот за одбрана: „Газа гори“

Израел изврши уште еден тежок напад врз градот Газа во текот на ноќта, изјавија сведоци за АФП, откако американскиот државен секретар Марко Рубио ја поддржа офанзивата на Израел во опустошената област.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Во тек е тешко, немилосрдно бомбардирање на градот Газа“, рече сведокот Ахмед Газал, додавајќи дека куќите се уништени, а жителите се заробени под урнатините. „Можеме да ги чуеме нивните крици“, рече 25-годишен жител на Газа.

Махмуд Басал, портпарол на Цивилната одбрана, управувана од Хамас, во Газа, изјави за АФП дека „бомбардирањето сè уште силно трае низ градот Газа, а бројот на мртви и ранети продолжува да расте“.

По извештаите во палестинските медиуми за интензивно бомбардирање во градот Газа, израелскиот министер за одбрана Израел Кац рече дека израелските војници „храбро се борат за да создадат услови за ослободување на заложниците и пораз на Хамас“.

„Градот Газа гори. ИДФ со железна тупаница удри на терористичката инфраструктурa“, рече тој во соопштението. „Нема да попуштиме ниту ќе се откажеме додека мисијата не биде завршена“, додаде Кац.

Американската новинска веб-страница Аксиос ги цитираше израелските претставници кои изјавија дека операцијата го означила почетокот на копнената офанзива во најголемиот град во Појасот Газа.

Израелските воени авиони извршија речиси континуирани напади врз Газа во текот на ноќта, придружени со артилериски оган, објави палестинската новинска агенција ВАФА. Палестинските медиуми објавија дека тенковите подоцна влегле во градот, каде што се верува дека останале уште стотици илјади луѓе. Израелската војска не го потврди ова.

Американскиот државен секретар Марко Рубио денес предупреди дека Хамас има само неколку дена да се согласи на договор за прекин на огнот, бидејќи Израел започна особено тешки напади врз градот Газа.

„Израелците започнаа операции таму. Затоа веруваме дека имаме многу краток временски рок за да постигнеме договор со палестинската исламистичка група“, им рече тој на новинарите.

По посетата на Израел по што замина во Катар, Рубио рече дека веројатно остануваат само „неколку дена, можеби неколку недели“.

Повеќе од 350.000 Палестинци досега се евакуирани од градот Газа во други делови од Појасот, според проценка на Израелските одбранбени сили од синоќа.

Се проценува дека илјадници други го напуштиле градот во текот на ноќта поради силниот бран воздушни напади, изјави извор од ИДФ за Тајмс оф Израел.

Изворот додаде дека стапката на заминување на палестинските цивили од Газа веројатно ќе се зголеми како што напредува копнената офанзива на ИДФ против Хамас, која има за цел да го освои градот.

Пред ИДФ да ги започне подготовките за офанзивата, се проценуваше дека околу еден милион Палестинци живеат во Газа. Минатата недела, ИДФ им нареди на Палестинците во сите делови од Газа веднаш да се евакуираат пред офанзивата.

На цивилите им беше наредено да се движат кон „хуманитарната зона“ на југот од Појасот.

Родителите на тројца израелски заложници кампуваат во вреќи за спиење пред официјалната резиденција на премиерот Бенјамин Нетанјаху, протестирајќи против окупацијата на Газа од страна на ИДФ. Ним им се придружија таткото на убиениот заложник Гај Илуз и роднините на 48-те заложници кои сè уште се во Газа.

Мајката на еден од заложниците им изјави на новинарите дека семејствата немаат намера да заминат бидејќи се плашат дека воените операции наредени од владата ќе ги загрозат нивните најблиски.

Тие спиеја во вреќи за спиење откако полицијата им забрани да ги поставуваат своите шатори на улица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ