сабота, 14 февруари 2026

Гувернерот на Калифорнија: Ќе биде потребно време, но трансатлантското партнерство не е мртво

Гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом изјави дека нападите на Трамп врз Европа го обединија европскиот континент.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Зборувајќи на панел на Минхенската безбедносна конференција, Њусом рече дека однесувањето на Трамп кон сојузниците, од заканите за преземање на Гренланд до доведување во прашање на НАТО алијансата и наметнување строги царини, ги охрабрува европските земји да соработуваат поблиску по важни прашања.

„Верувам дека Европа денес се чувствува пообединета отколку што се чувствувала во последно време. И тоа можеби е единствениот придонес на Доналд Трамп“, рече Њусом, за што доби силен аплауз, објави Политико.

Критиките на Њусом дојдоа додека учесниците на конференцијата го анализираа говорот од саботата на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој зазеде поумерен тон кон затегнатите трансатлантски односи и повика на обнова на врските меѓу сојузниците.

Говорот на Рубио означи значително отстапување од говорот од минатата година на потпретседателот Џеј Ди Венс, кој остро ја критикуваше Европа и ја опиша како континент што се движи кон „цивилизациско самоубиство“.

Додека претставници на администрацијата, вклучувајќи го и амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер, тврдат дека пристапот на Трамп кон надворешната политика ги направил САД посилни и побезбедни, Њусом го тврди спротивното – Америка е поизолирана и послаба денес отколку што беше кога Трамп ја презеде функцијата.

Тој го наведе договорот за електрични возила меѓу Канада и Кина како пример, потсетувајќи на трговските договори што сојузниците на САД ги склучија со други земји во последните месеци. „Тоа бевме ние порано, и ми се крши срцето поради тоа“, рече тој.

Њусом рече дека изјавата на Рубио дека САД и Европа „припаѓаат заедно“ е знак дека администрацијата на Трамп реагира на европската „самодоверба и карактер“.

Говорот на гувернерот на Калифорнија во Минхен многумина го сметаа и за тест за неговите претседателски амбиции во 2028 година. Поради ограничувањата на мандатот повеќе не може да се кандидира за гувернер, а во последните месеци се обидува да го зајакне својот меѓународен профил.

Во јануари, учествуваше на Светскиот економски форум во Давос, каде што ги критикуваше светските лидери што не му се спротивставија на претседателот посилно. Вчера, на друг панел во Минхен рече дека тензиите меѓу САД и нивните долгогодишни сојузници се „привремени“, и тоа не само затоа што Трамп ќе ја напушти Белата куќа во 2029 година.

Денес, тој предвиде дека Демократската партија ќе ја преземе контролата на изборите во ноември и изрази верување дека Врховниот суд наскоро ќе ги ограничи широките овластувања на претседателот за воведување царини.

Зборувајќи за трансатлантското партнерство, тој заклучи: „Не е мртво, туку е во мирување. Можеби ќе треба да спиете со едно око отворено. Ќе биде потребно време, но сигурно не е мртво“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ