недела, 4 мај 2025

Фон дер Лаен: Западот каков што го знаевме повеќе не постои

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен изјави дека политиката на американскиот претседател Доналд Трамп носи „историски промени“ кои ја принудуваат Европската унија да „игра многу активна улога“ во обликувањето на новиот светски поредок.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Западот каков што го знаевме повеќе не постои“, рече фон дер Лаен во интервју за германскиот весник Ди Цајт. Иако, како што наведува, отсекогаш била „убеден атлантист“ и „голем пријател на САД“, актуелната криза меѓу американската администрација и Европа, во комбинација со пошироките геополитички предизвици, бара одлучни чекори од Европската унија.

„Она што претходно го сметавме за светски поредок сега се претвора во глобален неред, предизвикано, меѓу другото, од борбата за превласт меѓу Кина и САД, но секако и од империјалните амбиции на Путин“, рече таа.

„Затоа ни е потребна нова, поинаква Европска унија, подготвена да зачекори на глобалната сцена и активно да учествува во обликувањето на новиот светски поредок што доаѓа“, рече таа.

Таа тврди дека Европската унија, и покрај агресивната трговска политика на американскиот претседател Трамп, ја задржала својата сила и стана поатрактивна за другите земји поради својата предвидливост и доверливост.

„Позитивниот ефект од сето ова е што во моментов имам безброј разговори со шефови на држави и влади ширум светот, кои сакаат да соработуваат со нас на создавање нов поредок“, истакна таа, наведувајќи ги како пример Канада, Индија, Малезија, Индонезија, Мексико и јужноамериканските земји.

Таа нагласи дека, иако трговијата со САД сочинува 13 отсто од светската трговија, што е значителен удел, останатите 87 отсто се одвиваат со други земји.

„Сите сакаат поголема трговија со Европа, и тоа не е само прашање на економски односи. Тоа е и за воспоставување заеднички правила, како и предвидливост. Европа е позната по својата предвидливост и доверливост, што сега повторно почнува да се гледа како голема вредност“, додаде Фон дер Лаен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ