петок, 25 април 2025

Фицо: Одам во Москва на Денот на победата, никој не може да ми диктира каде можам да патувам

Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека ќе присуствува на обележувањето на Денот на победата во Москва и дека силно се противи на предупредувањето на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи Каја Калас дека европските лидери не треба да учествуваат на настанот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Предупредувањето и заканата на Каја Калас се непочитување и јас остро се спротивставувам“, објави Фицо на профилот Икс.

Тој потсети дека Калас ги предупреди лидерите на земјите-членки на ЕУ да не учествуваат на прославата на Денот на победата во мај во Москва и им порача дека „таквото учество нема да биде лесно сфатено“ во Брисел.

„Ќе одам во Москва на 9 мај. Дали предупредувањето на Калас е форма на уцена или сигнал дека ќе бидам казнет по враќањето од Москва? Не знам. Но знам дека годината е 2025, а не 1939 година“, рече Фицо.

Тој оцени дека предупредувањето на Калас потврдува дека е потребна расправа во ЕУ за суштината на демократијата, „за она што се случи во Романија и Франција во врска со претседателските избори, за „Мајданите“ организирани од Западот во Грузија и Србија“, и за тоа како се игнорираше злоупотребата на кривичното право против опозицијата во Словачка.

„Калас, сакам да ве информирам дека сум легитимен премиер на суверената земја Словачка. Никој не може да ми диктира каде можам или не можам да патувам. Ќе одам во Москва за да им оддадам почит на илјадниците војници на Црвената армија кои загинаа во ослободувањето на Словачка, како и на милиони други жртви на нацистичкиот терор. Исто како што им оддадов почит на паднатите жртви во Нормандија, или на оние во Пацификот, или како што планирам да им оддадам почит на пилотите на РАФ“, објави Фицо.

Тој додаде дека е еден од ретките во ЕУ кој постојано зборува за потребата од мир во Украина и не поддржува продолжување на бесмислената војна, велејќи дека зборовите на Каја Калас се „израз на непочитување“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ